Почитувани претставници на медиумите,
Денес е Светскиот ден на здравјето, и пред да продолжам со главната тема упатувам искрена благодарност до сите лекари, медицински сестри, техничари, болничари, фармацевти, здравствени работници-луѓето кои без двоумење застануваат на првата линија во заштита на човечките животи.
Нивната посветеност, хуманост и стручност се едни од темелите на нашето општество.
Здравјето е наша заедничка обврска, а Владата ќе продолжи да го зајакнува здравствениот систем, да вложува во услови, кадар и достоинство на сите здравствени работници.
Драги пријатели,
Денес на оваа прес-конференција со задоволство сакам да ви соопштам една добра вест за јакнење на столбот на здравствената заштита, за јакнење на примарната здравствена заштита во македонското здравство.
Донесена е одлука за историско зголемување на капитациониот бод за матичните доктори од општа медицина, гинекологија и стоматологија, почнувајќи од април 2025 година.
Зголемувањето на капитацијата на матичните лекари значи повисоки плати и помотивирани лекари.
Согласно оваа одлука, вредноста на капитациониот бод за општа медицина и гинекологија ќе се зголеми од 75 на 100 денари, додека за стоматологија од 61 на 75 денари, што претставува зголемување од 33%, односно 23%. Ова зголемување доаѓа по повеќегодишна стагнација во периодот 2019-2022 година кога бодот изнесува 63 денари и 48 денари.
Ако погледнеме наназад, од 2015 година до сега, капитацијата за општа медицина порасна од 50 на 100 денари-удвојување на вредноста за една деценија. За гинекологијата исто така имаме раст од 50 на 100 денари, додека за стоматологија од 35 на 75 денари, што е зголемување за 114%.
Потценетоста на примарната здравствена заштита доведе до намалување на бројот на амбуланти во 2024 година во однос на 2023 година за 34 амбуланти по општа медицина и 24 по стоматологија, а над стотина помалку амбуланти по општа медицина има сега во однос на 2015 година. Посебно намалување има во руралните и помалите места, за кои уште во јануари се донесоа посебни мерки.
Државата издвојува околу 4.5 милијарди за матичните лекари, гинеколози и стоматолози, а за ова зголемување ќе се издвојат околу 550 милиони денари или над 9 милиони евра.
Ова зголемување ја покажува нашата посветеност да го подобриме статусот на матичните лекари и да обезбедиме поквалитетна здравствена заштита за сите граѓани. Со новото зголемување, просечниот износ по матичен лекар дополнително ќе се подобри, што значи и поголема мотивација и поддршка за нивната работа.
Правиме максимум и се трудиме. Никогаш не е доволно и свесни сме за тоа, но правиме максимум да ги подобруваме и променуваме работите. Секој изминат ден секој наш чекор состанок е посветен на тоа да направиме нешто подобро.
Оваа одлука е дел од нашата стратегија за унапредување на здравствениот систем, препознавајќи ја клучната улога на матичните лекари во превенцијата и лекувањето. Ви благодарам на довербата и поддршката. Заедно продолжуваме да градиме подобра иднина за сите!
Се бориме за решавање на се повеќе напластени проблеми. Со секое решение покажуваме дека не отстапуваме од нашето мото и цел, а тоа е Македонија да биде повторно ваша!