Почитувани претставници на институциите,
Почитувани членови на ова тело,
Претставници на медиумите, екселенции,
Драги сограѓани,
Со денешната седница, го конституираме Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата. Ова тело претставува чекор напред во обидот конечно да воспоставиме функционален и синхронизиран систем кој ќе ѝ застане на патот на корупцијата.
Но дозволете ми веднаш да бидам јасен:
Ова тело нема да биде само уште една административна конструкција.
Ние сме овде за да создадеме нова форма којашто ќе има суштина, а нема да биде форма којашто ќе биде без содржина. Сакаме да изградиме механизам што ќе делува – брзо, ефикасно и бескомпромисно.
За жал, изминатите години гледавме како корупцијата тивко, но упорно ја разјадува довербата и кај граѓаните, но и во институциите.
Судски постапки што траат со години.
Обвиненија што никогаш не завршуваат со пресуда.
Истраги што се отвораат само кога ќе станат медиумска сензација.
Сето тоа создаде чувство кај граѓаните дека правдата е селективна, а корупцијата – прифатена.
И токму тоа е најголемата штета. Не само изгубените пари. Туку изгубената верба.
Корупцијата убива надеж. Ги тера младите да си заминат. Ги обесхрабрува чесните. Го подрива општеството.
Сакам да подвлечам дека корупцијата е најголема пречка за растот, развојот и иднината на една држава.
Не смееме да делуваме отсутно и да не зборуваме за случаите кои силно удираат по правдата.
Вчера јавноста, најново се згрози за случајот во Тетово. По сообраќајна несреќа во август 2022 година, на првото судење во ноември 2023 година, по признавање на вина, сторителот кој одзема млад живот беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалба, Апелациониот суд ја намали казната, повторувам, Апелациониот суд ја намали казната на две години затвор, за да Врховниот суд ги укине двете пресуди на Основниот и Апелациониот суд и предметот го врати на повторно судење. Судот во Тетово вчера му досуди две години затвор на сторителот кој смртно одзема недолжен човечки живот, 22-годишната Теодора Ристевска. Повторувам, Судот во Тетово му досуди две години затвор на сторителот кој смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска. Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука имаме задоволена правда?! Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца сум силно разочаран. Ова не е правда, и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци коишто ќе ме критикуваат после ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда.
Ова не е партиска борба, ова е битка за вистината, за одговорноста, за правдата. Затоа што ова е борба меѓу луѓе и нелуѓе. И луѓето мора да победат. Само така можеме заедно да победиме. Ако овој систем не се ресетира сега, ако не се преземат мерки сега, тогаш бадијала ни е сè. Ова не е прашање на политика, ова е прашање на иднината. Кој бил дел од ова, кој дозволил, кој гледал настрана – ќе одговара. И институциите, и одговорните лица, и сите кои на било кој начин придонеле за оваа трагедија да се случи. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој што го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните – ќе се соочи со правдата. Ова нема да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност. Лично ќе го следам и јас ви ветувам дека правдата ќе ја истераме до крај. Ова е моментот кога мораме да покажеме дека законите важат за сите. Затоа што можна следна жртва е секој еден од нас. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој што го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните – ќе се соочи со правдата.
Ова е моментот кога мора да покажеме дека законите важат за сите.
Оваа борба не е само борба против криминал, корупција туку ова е борба за душата на нашата татковина.
За вредностите што сакаме да ги живееме.
За тоа дали ќе бидеме општество на ред и закон или на „врски“ и „договори под маса“.
Меѓуресорското тело има историска одговорност – да воспостави координација помеѓу сите клучни институции:
– Државната комисија за спречување на корупција,
– Министерството за внатрешни работи,
– Јавното обвинителство,
– Финансиската полиција,
– Управата за јавни приходи,
– Царинската управа,
– Министерството за правда,
– Министерството за финансии,
и други.
Овие институции веќе имаат надлежности. Она што им недостасува е:
координација, храброст и одговорност.
Ова тело мора да биде местото каде што информациите се споделуваат навремено.
Каде што никој не премолчува. Каде што се преземаат иницијативи, се следат случаи и се бараат резултати.
Но исто така, мораме да ја признаеме и реалноста:
За жал, граѓаните не се задоволни од работата на судиите. Судството и обвинителството се слабата алка во борбата против корупцијата.
И тоа не е мое мислење. Тоа е впечаток на народот.
А народот не греши кога со години гледа како правдата се одложува, извртува, исчезнува.
Судството мора да ја врати својата улога – не како нем набљудувач, туку како клучен актер во оваа борба.
Ќе ги поддржиме со законски решенија, со буџет, со логистика, сѐ што треба ќе направиме. Но истовремено – бараме отчетност.
Не може повеќе предметите да чекаат, додека јавноста очекува.
Како што има кажано Винстон Черчил: „Силата на еден народ не се мери само со армијата, туку и со правдата што тој народ ја гарантира.“
Граѓаните не сакаат спектакл. Тие сакаат резултати. Сакам да гледаме функционери коишто кога ќе се огрешат, кога ќе бидат вовлечени во криминал ќе одговараат, институции што не толерираат, и систем што штити – не краде.
Нема да дозволиме борбата против корупција да остане на хартија.
Ќе следиме конкретни резултати. Ќе поставиме индикатори и истите ќе ги објавуваме јавно.
Нема веќе недопирливи. Нема веќе „тој е наш“.
Јас лично – како претседател на Владата – ќе бидам дел од секој извештај, секоја средба, секоја проценка.
Ќе бидам најгласниот поддржувач на ова тело, но и негов најголем критичар – ако не дава резултати, се разбира.
Ова не е борба на една Влада. Ова е борба на целото општество.
И затоа ги повикувам сите – граѓаните, медиумите, невладиниот сектор, бизнисот – да бидат дел од овој процес.
Да пријавуваат. Да реагираат. Да не молчат.
Ќе изградиме систем каде што функцијата ќе значи служба, а не привилегија.
Каде што законот ќе важи за сите – не само за обичниот човек.
Каде што младите ќе останат тука – затоа што ќе имаат причина да веруваат.
И не заборавајте корупцијата е најголемата пречка за растот, развојот и иднината на една држава.
Да создадеме држава која нема да се срами од вистината. Туку ќе се гордее со неа.
Држава во која корупцијата не е навика – туку забранета зона.
Држава во која не победуваат најгласните – туку најчесните.
Ви благодарам.