„Со самото влегување во Владата, во Министерството, наследивме една хаотична состојба, значи празна каса, неисплатени субвенции, недонесени законски и подзаконски акти“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски одговарајќи на новинарско прашање.
„Со сите заостанати обврски кои што ги наследивме, можам слободно да кажам дека се исплатени околу 8 милијарди денари по основ на заостанати и тековни исплати на субвенции. Тоа се речиси 130 милиони евра кои што легнале на сметка на земјоделците од сите групи на производители“, нагласи министерот.
Тој додаде дека ова е уште еден показател дека кога се работи домаќински, посветено, одговорно, се вреднува трудот на македонскиот земјоделец.
„На вистинската патека сме за да ја вратиме довербата на земјоделците спрема Владата и институциите. Тоа ние заедно со премиерот Мицкоски го докажавме изминативе 10 месеци и така ќе продолжиме во следниот период“, посочи министерот Трипуновски.
„Ова е уште една потврда дека навистина сакаме земјоделството да биде едно од носечките економски гранки во нашата држава“, истакна тој.