Почна изградбата на фабриката на белгиски „Ван Хол“, инвестиција 20 милиони евра и 500 нови вработувања
Со поставување камен-темелник денеска во ТИРЗ Скопје 2 почна изградбата на фабриката за автобуси на белгиската компанија „Ван Хол“, инвестиција вредна 20 милиони евра, која треба да овозможи вработување на 400 до 500 лица.
На отпочнувањето со изградбата присуствуваше премиерот Никола Груевски, кој подвлече дека станува збор за прва поголема белгиска инвестиција во земјава со која, како што рече, со уште поголема динамика продолжува инвестицискиот циклус кој ја зафати Македонија. Според него, оваа инвестиција е уште една успешна приказна од серијата нови странски инвестиции во државата кои се одличен показател дека Македонија нуди навистина добри услови за инвестиции и проширување на својот бизнис.
- За неполн месец светскиот гигант во автомобилската индустрија „Кромберг и Шуберт“ почна со изградба на својата фабрика во Битола. „Арчелор митал“ ја објави својата нова инвестиција во земјава и ја пушти во функција реконструираната печка од своите производствени погони. Пред неколку дена го потпишавме договорот со германската „Дрекслермаер“ за изградба на нова фабрика за кабелски инсталации за потребите на „Мерцедес Бенз“ во Кавадарци. Исто така, пред неколку дена турскиот „Џевахир холдинг“ почна да ги гради висококатниците во Скопје вредни 300 милиони евра. Неколку други домашни и странски фирми ги привршуваат своите објекти во земјава, а во оваа група влегува и белгискиот „Ван Хол“ кој денеска почнува со изградба на својата фабрика, рече Груевски.
Тој оцени дека оваа инвестиција ќе има многу позитивни ефекти за Македонија бидејќи во новата фабрика директно ќе се вработат околу 400 до 500 луѓе, а индиректно полза ќе имаат повеќе фирми кои ќе соработуваат со „Ван Хол“ и ќе ја понудат својата логистика и услуга.
- Меѓу новите вработени верувам дека свое место ќе најдат и поранешни работници на ФАС „11 Октомври“ како и други лица кои имаат квалификации или претходно искуство во производство на автобуси или биле дел од машинската и електронската индустрија. Новата фабрика ќе донесе и нови знаења за автомобилската индустрија и новите технологии во светот, рече Груевски.
Честитајќи ја 65-годишнината на компанијата „Ван Хол“ која е семеен бизнис, шефот на Владата подвлече дека оваа инвестиција ќе резултира и со зголемување на македонскиот извоз и подобрување на трговскиот баланс кон САД и западноевропските земји.
Директорот на белгиската компанија „Ван Хол“, Филип Ванхол подвлече дека ова е нивна единствена најголема стратешка инвестиција надвор од Белгија со која се одбележува и нивниот јубилеј 65 години. Донесувањето на одлуката да се инвестира во Македонија воопшто не било брзо и лесно, но, вели, во тоа им помогнала поддршката од македонската Влада.
- Ме прашаа зошто инвестираме во Македонија, а не во растечките земји во светот како Индија и Кина. Па токму Македонија е еден од тие растечки центри. Таа има историја на поврзување на различни светови: исток и запад, а сега Европа и Америка. Убеден сум дека ќе успееме со оваа инвестиција и дека ќе можеме да се потпреме не само на образованието на младите генерации во техничките училишта и одличните македонски универзитети, но и на големото искуство во производство на квалитетни автобуси кои во минатото биле произведувани во Македонија, рече Ванхол.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски го подвлече фактот дека оваа инвестиција е значаен исчекор за Македонија бидејќи од зоната првпат ќе се извезува готов производ, технолошки високософистициран на високософистицирани пазари, кој ќе го носи знакот „Made in Macedonia“, што укажува дека и Македонија станува високософистицирана држава.
- Ние 20 години слушаме дека на Македонија и се потребни структурни реформи и дека и се потребни реформи на индустријата, но начинот како се постигна тоа е овој - преку инвестиции како оваа на „Ван Хол“. Затоа и не е случајно што во неодамнешното истражување на „Фајненшл тајмс“ кое што опфаќа преку 600 слободни зони во повеќе од 120 држави, оваа зона каде што се наоѓаме денеска е рангирана на високото 47 место. Тоа значи сме во горните 10 проценти, подвлече Пешевски.
Министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак, кој за оваа инвестиција ги почна контактите со белгиската компанија пред пет години, посочи дека таа е плод на потрагата за производител на автобуси во Македонија и согледаниот потенцијал на пазарите во регионот и пошироко.
- На првата наша посета на „Ванхол“ Филип и неговиот тим беа големи скептици - фамилијарна фирма, мала земја, голем ризик. Но, ние сфативме дека постои голем потенцијал заради нивната интегрираност и фокус на квалитет, но и пазарите каде „Ван Хол“ не е присутен. Со време соработката стана поинтензивна. И Ванхол ја посети Македонија. И дури кога јака конкуренција влезе во игра нашата упорност не запре. Оваа инвестиција е важна од три причини, затоа што сме имале искуство во производство на автобуси, имаме добри кадри и затоа што повторно домашни фирми ќе учествуваат во набавка на делови и тоа што Made in Macedonia повторно ќе биде препознатливо на пазарите за автобуси, квалитет кој заедно со брендот „Ван Хол“ ќе се шири прво во Америка, а потоа низ цела Европа, рече Самак.
Претходно, директорот на Агенцијата за привлекување странски инвестиции Висар Фида и директорот на „Ван Хол“ Филип Ванхол го потпишаа договорот за закуп на земјиштето во ТИРЗ Скопје 2.
Новиот капацитет на „Ван Хол“ ќе се протега на површина од 36.900 метри квадратни, а се очекува да почне да произведува автобуси во првиот квартал од 2013 година. Целта на белгискиот инвеститор е да ја реализира американската нарачка од 400 автобуси од која првите 50 треба да се извезат од погоните на фабриката веќе од крајот на 2013 година. По оваа нарачка, компанијата ќе воведе два нови модела на автобуси, а полниот капацитет што треба да се постигне е годишно производство од 400 автобуси.
„Ван Хол“ е семејна компанија за производство на автобуси и индустриски возила основана 1947 година. Во моментов во фабриката во Белгија вработува 4.000 лица, а годишното производство изнесува околу 1.200 автобуси и 4.000 други возила. Остварува годишен обрт од над 450 милиони евра, а над 80 отсто од производството е наменето за извоз.