Почитувани,
Министерството за дигитална трансформација ја информира јавноста дека започнува процес на целосен редизајн и модернизација на Националниот електронски систем за управување со документи (еДМС), со цел воспоставување на стабилен, безбеден и целосно интегриран систем за граѓаните и институциите.
Затекната состојба:
- Во последните две години системот немаше техничка поддршка ниту развој на системот.
- Не постоеле воспоставени стандарди за сајбер-безбедност.
- Чести прекини и падови на системот ја намалуваа неговата ефикасност.
- Користење ограничено исклучиво за архивирање документи (електронска писарница), без целосна дигитална обработка, во само 20 институции.
Преземени активности:
- Првпат спроведен целосен penetration test за идентификација и отстранување на критичните безбедносни слабости.
- Изработен план за елиминирање на ризиците и техничките пречки.
- Започната подготовка за развој на нови функционалности и рекомпонирање на институциите кои го користат системот.
Планирани мерки и новини:
- Граѓаните да можат во реално време да го следат статусот на своите предмети.
- Целосна електронска обработка на процесите, со автоматизирано создавање документи (решенија, известувања, сертификати) со електронски потпис и печат.
- Интеграција со ERP систем за автоматска размена на податоци.
- Двофакторска автентификација за зголемена сигурност.
- Целосно исклучување на хартијата во работењето на Министерството за дигитална трансформација (како пилот министерство) од 1 октомври.
- Проширување на опфатот со нови институции – министерства, агенции и јавни претпријатија. Во процес на вклучување на 5 нови институции.
Очекувани придобивки:
- За граѓаните: побрза и поефикасна администрација, транспарентност, онлајн пристап и намалена бирократија.
- За институциите: интегрирана платформа, намалување на грешки и оптимизација на ресурси.
- За државата: усогласеност со европските стандарди и создавање на темел за вистинска дигитална трансформација.
„еДМС е темелот – ‘водоводот’ на дигиталната администрација. Нашата цел е да обезбедиме систем кој конечно ќе работи за граѓаните и институциите, со приоритет на безбедноста, довербата и корисноста,“ изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.