Денес министерот за правда Игор Филков во Валета, Малта, каде во рамки на малтешкото претседателство со Советот на Европа се одржува конференцијата на министри за правда, го потпиша третиот дополнителен протокол на Европската конвенција за меѓусебна соработка во кривична материја.
Со тоа, Република Северна Македонија е една од првите кои пристапија кон протоколот и јасно ја искажа својата определба активно да придонесува и учествува во заедничката борба против криминалот кој не познава граници.
Овој протокол овозможува директна електронска комуникација преку обезбедени канали што ќе ја забрза и поедностави меѓусебната меѓународна соработка, а се овозможуваат видео конференции кои ќе ги елиминираат трошоците за патувања и ќе ги намалат одложувањата во постапките. Секако протоколот содржи и механизми за ефикасно постапување.