Почитувани екселенции,
Почитуван Прилеп, град херој со огромна историја и борба зад себе,
Драги пријатели, дами и господа,
„Поробени, но никогаш покорени“ се зборовите со кои почнува манифестот на македонските партизани кои го испраќаат до народот што во тоа време се соочил со најголемата воена агресија дотогаш. Во овие зборови е содржана суштината на поривот и пркосот што таа генерација го даде кон тогаш најголемата сила што светот ја познаваше. Во таа реченица се препознава одлучноста да се успее, и кога многу поголеми се против вас, и дека секоја битка може да се победи или да се загуби обидувајќи се да се победи, но никогаш да не се откажете дури и тогаш кога мислите дека работите изгледаат безизлезни. Потребно е за сè да се има цел и мотив за борба. Слободата беше заедничката цел на луѓето од различни народи кои тогаш се обединија. Таа генерација немаше гаранција дека ќе победи, напротив, се соочуваше со удари и препреки за секоја педа за која се бореа, но останаа непокорни и на крајот победија. Тие тогаш го сплотија народот во заедничката цел. И имаа идеја и идеал, преточен низ многу претходни борби. Ниту еден голем успех не доаѓа наеднаш, ниту незаслужено, туку многу трпеливо, со многу труд и постојанство. Впрочем, во тоа победоносно УРА, тој 11 октомври, е содржан и крикот на борците, комитетите од Илинденската епопеја. Таа долга низа на борби, во која заслуга има и организацијата што беше тврдината што го обединуваше тој неверојатен континуитет на отпор против империјата, и буквите со кои историски е врзана нашата борба за слобода и своја држава – ВМРО.
Тоа беа генерации што се запишаа во нашата историја, кои ја газеа патеката што остана за многумина потоа да ја врват и да ја остават на своите деца, пренесувајќи го огнот на идеалите во кои верувавме.
Сакам да верувам дека сите ние заедно сакаме да ја продолжиме патеката што ни ја оставија нашите предци, но она што го гледаме овие 30 години нè учи дека има и такви што сакаат да си прават свои лични патеки, и неретко скршнуваат од тој пат чии цел е нашата татковина. Оваа држава и нашите граѓани поминаа драматично тешки моменти. Ембарга, криминална транзиција, нечесна приватизација, воен конфликт, вета, промена на знаме, име, устав, уценувања кон остварување на стратешките цели, срамни договори и уште многу други работи – и секоја од нив оставаше трага врз нашата колективна свест и меморија. Токму тие лузни ги гледам во погледот и во лицата на секој еден од вас. И тие длабоки лузни ги носиме во заедничките сеќавања и во срцата на секој човек. Секој поединечно, но сите заедно минувавме низ тие премрежија. И јас, исто како и вас, ја чувствував транзицијата и периодот на неизвесност кога родителот гледа како нешто што го градел со години преку ноќ му се уништува и останува без работа. И јас, исто како и вас, чувствував кнедла во грлото од непринципиелните и неправедни договори за името, знамето, договарањата во четири очи за нашите судбини. Сакам да кажам дека никој од нас не е исклучен од свесноста за она што ѝ се случи на државата и сите овие работи ја уништуваа самодовербата и ја убиваа надежта. Многумина – тоа е причината поради која си заминаа и неповратно се иселија. Оправдано, но сепак поразително за целата држава е констатацијата на многумина дека системот во поранешната држава бил многу поорганизиран од сега. Не е тоа толку носталгија кон тој систем, нешто што било пред повеќе од три децении, колку што е пред сè револт кон нефункционирањето на системот што се гради овие сегашниве повеќе од три децении. А системот е таков каков што е трул и нефункционален, оптоварен со многу отстапки, неразумни компромиси, силувања, разочарувања. Затоа на граѓаните им се смачува од политика, од расправии за основните прашања. Затоа што премногу луѓе го заборавија моралот и вредностите што треба да бидат арматурата отпорна на сите потреси. И виновниците за сето ова имаат име и презиме. И ги знаеме сите нивни репризи, фарси, нивните мотиви и нивните цели што не се исти со нашите. Не знаеме до кога ќе прават вака, но знаеме дека нема да дозволиме да успеат, дури и тогаш кога ќе подаруваат подароци на други држави, а и кога ќе добиваат подароци од други држави. Она што вистински го знам и го потпишувам е сознанието дека оваа генерација, оваа наша генерација, е последната шанса после која стравувам ќе нема простор за поправен. Знам дека ова е последната надеж за многумина што со внимание следат што правиме и како се бориме. На сите нив им велам дека ќе успееме, ќе победиме. Ве уверувам дека ќе победиме. Заедно и сложно, со целата наша сила и капацитети ќе ја застанеме Македонија на нозе. И ќе ги поправиме сите темели што ги уриваа со децении наназад низ времето.
Драги пријатели,
За да го направиме овој рестарт на системот, потребна е општествена мобилизација. И тоа не само мобилизација на политичките елити, туку мислам на длабока мобилизација на сите структури во општеството. Академската средина се подели на „про наши“ и „про нивни“, додека МАНУ секогаш за сите прашања е поттурнувана настрана, и се водат чудни полемики за проценти на застапеност, за тоа кој бил, а кој не бил академик, наместо за проценти на искористеност на нивните знаења и искуства. Има многу прашања за кои не се прашани, но и тие некако автоцензурирачки и задоцнето реагираат. Имам чувство дека престана да се комуницира со младите кои си создадоа свој микросвет, поразличен од нашиот. Одиме заедно низ процесите, но сепак на крај различно зборуваме. Затоа е потребен дијалог. И кога ќе речам дијалог, најмалку мислам на она што најпрво ви поаѓа на ум – покана за лидерска средба со опозицијата, што завршува со сала за состаноци, заедничка фотографија, милион прашања, а малку одговори и изјави во кои се тркаме кој ќе биде помудриот. Туку овој пат говорам за суштински дијалог со сите општествени фактори важни за државата – академската средина, професорите, академиците, науката, младите, искусните и оние со енергија за движење напред. Подготвен сум да го поведам тој процес и да се обединиме околу платформа, не политичка или само економска, туку општествена, за целите што сакаме да ги постигнеме како држава и патот кон тие цели. Дијалог што ќе биде заснован на принципи, околу кои треба да се обединат Македонци и Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и сите останати, христијани и муслимани, стари и млади, затоа што покрај сите наши разлики Македонија е само една и таа останува да биде наша татковина, а ние сите немаме време за губење.
Драги пријатели,
Мора да работиме за остварување на нашите стратешки цели. Ако тие ги релативизираме или се откажеме од нив, тогаш остануваме без цел и без сонот на генерации Македонци што го имаа при прогласувањето на независноста. А сонот тогаш и денес беше да станеме интегриран дел од семејството на Европската Унија. Патот до таму знам дека е полн со нечесни удари, откажувања и игри, но ние имаме опција – или да се откажеме и да плачеме над својата судбина, или да се бориме и на крајот да победиме. Во тој контекст, и битката на илинденците и партизаните која била апсолутно слична. Тие можеле да се откажат и да имаат и подобар, или можеби еднократно поудобен живот, но знаеле за што се работи и дека, впрочем, секоја генерација го презема товарот на следната и дека мора да се борат. И денес, кога работите се неправедни и тешки, кога има такви од опозицијата што заговараат да се откажеме од преговори. Добро, ајде да го прифатиме и тоа, но истите мора да кажат која е алтернативата на тоа откажување за државата и сите нејзини поколенија, и дали имаме право да го прекинеме сонот во кој веруваме. Има и такви што ќе речат дека не е фер патот до ЕУ. Кога се формираше целта за членство во Европската Унија, никој нам не ни ветуваше фер игра, напротив, судбината на малите народи и држави во голема мера зависеше од игрите на поголемите народи и држави. Нашата умешност мора да биде да ги реализираме нашите цели низ еден таков контекст на работите. И секогаш мора да имаме план А и план Б, но целта мора да остане иста.
Нашата огромна пречка на патот кон ЕУ е прашањето со наш источен сосед и т.н. францускиот предлог што претходната влада сама го прифати. Сега тоа е пречката што мора да се премости. Но да не заборавиме и на едно огромно лицемерие што се гледа во тоа што истите што нè убедуваа дека нема подобар од тој предлог и дека идентитетот се штити, сега се обидуваат преку политички маневар да цртаат некакви црвени линии што треба да нè заштитат од предлогот што игнорантски, себично самите го прифатија без да ја прашаат тогашната опозиција и граѓаните. Да не навлегувам пак во моментот во скриените мотиви за вакви прашања да се отвораат во овој момент и историјата на отстапки кон нашиот источен сосед, за која сум убеден дека времето ќе ми потврди согласно досегашното искуство на актерите. Главниот страв и грижа кај граѓаните е околу клучното прашање – дали ќе биде ова последната отстапка и дали со прифаќањето на овој предлог ќе се заврши со серијата отстапки што во континуитет се прават на штета на националните и државните интереси. И овој народ, посебно македонскиот народ има право да биде загрижен затоа што од пред од 25 години кога почнавме да го одиме кон полноправно членство во ЕУ отстапките се секогаш на грбот на македонскиот народ и Македонија како држава, а од друга страна пак никој нема право да очекува дека оваа Влада којашто јас ја предводам ќе го прифати т.н. француски предлог со отворени раце и дека без било каква испорака од страна на нашиот источен сосед и ЕУ ние тоа ќе го испорачаме. Тоа нема да се случи.
Затоа мораме овој ден да го искористиме да испратиме јасна политичка порака, Да за членство во ЕУ, свесни сме дека тој пат за нас не беше фер и нема да биде фер, но не за билатерални услови и да за гаранции од страна на европскиот совет којшто мора ако сака да ја види оваа навистина мала којашто во историјата многупати покажала дека местото и е заедно со нив во заедницата на европските народи да испратат еден заклучок уште на следниот европски совет на којшто јасно ќе кажат дека никој од нив нема проблем со посебниот македонски идентитет, дека никој од нив од тие 27 земји членки нема проблем со македонскиот јазик кодифициран пред 80 години и дека никој нема проблем од нив со повеќе вековната Македонска култура, традиција, обичаи на којашто практично се темели македонскиот идентитет и да речат доста е, нема повеќе вето и препреки поради билатералните прашања, а нашиот источен сосед мора да покаже европска зрелост, мора да покаже не од времето на живковизмот, туку од времето на Аденауер, Де Гаспер и Шуман, да покаже вистински европски вредности. Да го почитува тоа што го потпишале, а тоа е меѓународното право, а меѓународното право вели дека пресудите од Судот за човекови права во Стразбур треба да се имплементираат и спроведат. Конечно македонците во западна Бугарија, во Пиринскиот дел од Македонија да го добијат тоа што го заслужуваат, да успеат да се здружат во заедница, а потоа да номинираат свој претставник во министерскиот совет за малцински права при Бугарската влада. Тоа се црвените линии.
И знам дека кога ова го зборував на многумина им пречев и знам дека им пречам на нашите противници и затоа сум предмет на дневна кампањата полна со лаги и клевети, бидејќи тие живеат на грбот на народот и државата, а ние за татковината и народот.
И морам да ви кажам – најважно од сè ми е да бидам чесен и искрен кон народот и да останам со неизвалкан образ, и нема цена што може тоа да го смени или сила што ќе ме натера да донесам погрешна одлука кога во прашање е македонскиот народ, граѓаните во Македонија и мојата татковина. И секогаш има план Б, кој ќе значи заштита на сè она во што веруваме, и знам дека никогаш нема да ве разочарам. Во оваа битка сме заедно и ќе продолжиме да бидеме заедно до остварување на нашата заедничка цел.
Драги пријатели,
Знам дека сме во период на избори и во период кога сензитивноста е преголема на сите страни. Но сакам да подвлечам две работи. Првата – дека имаме сериозен проблем со испораката на правдата, а клучот на сите заглавени обвиненија седи на две адреси со заеднички господар. Мораат судството и обвинителството се во канџите на поранешните политичари, и тие мора да се ослободат. Не може за милиони украдени пари да не се одговара поради нечија политичка близина. И ако тука, во овие случаи, нема правда, што ли се случува со многу други случаи на граѓани заглавени за ситни, но за нив многу важни предмети – меѓу нив имоти, кривични пријави, граѓански спорови. И за овој ресет на системот што ќе го спроведеме, не мислам на реванш, а во изминативе месеци покажав дека правдата е за сите иста и за, како што вели нашиот противник, „наши и ваши“, и овие категории нема да имаат разлика и за мене се непознати. Туку или некој се огрешил, или не се огрешил кон законот. Или е криминалец, или не. Или ќе има правда, или нема да нè има. А мора да нè има и мора да победиме со градење на систем во кој мора да веруваме и што ќе го оставиме на чесни професионални луѓе.
Втората работа што сакам да ја нагласам е посветеноста кон она што го бара народот, а тоа се резултати и работа. Можам да соопштам дека и во период на кампања работам на нови инвестиции кои за брзо ќе ги соопштам и наутро редовно држам состаноци за нови проекти и мерки што ќе ги преземеме заедно со моите колеги во Владата не само до крајот на годината, туку и во наредните 5 до 6 години и што на државата ќе ѝ дадат нов облик и нова енергија. Најважната битка од сите наши борби е борбата за стандардот и животот на луѓето. И тука ќе дадам сè од себе за народот и сите граѓани да живеат подобро, побогато, во систем што нема да ве разочарува и што ќе се темели на принципи и вредности. Мора да знаете – на вистинската патека сме и иднината ќе биде наша.
И затоа денес, кога ја славиме храброста на нашите предци, нека знаат и нашите потомци – Македонија оди по вистинската патека!
Патеката на достоинството, на трудот, на знаењето и на победата!
Патеката по која чекореле тие што не се плашеле од темнината, затоа што во срцето носеле светлина – светлина на слободата.
Да, можеби патот не е лесен. Но е вистинскиот, не е срамен.
И тој пат го градиме со срце, со вера и со љубов кон татковината.
Секој чекор е за иднината на нашите деца, за младите што сакаат да останат, тука дома.
Ова е времето на генерацијата што не се двоуми – генерацијата што ја гради својата земја со дела, не со зборови!
Генерацијата што ја продолжува борбата започната на 11 октомври – борбата за достоинство, за правда и за слобода!
Чекориме со истата вера и со истата идеја дека Македонија е вечна додека има луѓе што ја љубат!
Чекориме со срце што не се плаши, со народ што повторно се обединува, со генерација што верува дека татковината, да има иднина!
Не е ова патека за кратки победи.
Ова е патека на истрајност. Патека на работа, на знаење, на дела.
На вистинската патека нема место за предавства, нема место за страв, нема место за поделби.
Од Куманово до Битола, од Дебар до Делчево, од Кратово до Преспа –повторно се будиме!
Станува земја што верува во себе, земја што создава, земја што не се плаши да сонува големи соништа!
И затоа, со гордо кренати глави, со срца исполнети со љубов,
да кажеме гласно и јасно:
Ние сме тие што одиме по вистинската патека – за татковина што има иднина!
И кога ќе се свртиме и го видиме црвеното знаме со сонцето на слободата,да се сетиме дека тоа сонце изгрева само за тие што не се предаваат!
Нека ни е честит и вековит празникот, Бог да ни ја благослови нашата Македонија на вистинската патека, за татковина што има иднина!
Да сте живи и здрави!