Влaдата го прифати предлотот на пензионерите - линеарно зголемување на пензиите за 550 денари

На сите пензионери февруарската пензија ќе им биде зголемена за околу 550 денари, откако Владата го прифати предлогот на Сојузот на здруженија на пензионери најавеното покачување на пензиите за 5 проценти да се однесува на целата сума исплатени пензии во тој месец и потоа да се распредели линерално, односно поеднакво на секој пензионер. Покачувањето ќе влезе во основицата на пензиите.

Како што појасни на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски ваквата одлука била донесена на предлог на сојозот на пензионерите кој направил испитување во сите пензионерски здруженија, чии членови сметале дека ваквиот начин на покачување е покоректен и ќе им помогне и на оние пензионери со пониски пении, какви во земјава се околу 180 илјади.

- Покачувањето ќе се изврши на начин што исплатата на пензиите за февруари 2013 година ќе се зголеми за пет проценти и така добиениот износ ќе се подели на вкупниот број корисници на пензија. Со оваа мерка ќе се опфатат корисниците на пензија кои правото ќе го остварат заклучно со февруари 2013 година, рече министерот Ристовски.

Ова покачување од 5 проценти ќе биде реализирано, откако претходно на почетокот на годината пензиите ќе се усогласат со порасот на платите и трошоците на живот, со кое пензиите ќе се зголемат за 2 проценти. Тоа би значело оти пензиите ќе се зголемат за околу 7 проценти.

Оваа мерка била една од двете можни опции за кои размислувала Владата. И двете имаат идентични фискални импликации во однос на буџетот.

- Се одлучивме за оваа варијанта врз основа на претходна анализа и став на пензионерите кои не информираа дека мнозинството од пензионерите констатирало дека оваа опција е поправилна и поправична, рече министерот за труд и социјална политика.

Додаде дека Владата ќе работи на одржување стабилен пензиски систем и матерјална сигурност на граѓаните во старост и на навремено исплаќање покачени пензии.

Претседателот на здруженијата на пензионерите на Македонија Драги Аргировски е задоволен од мерката, за која како што вели се залагале со оглед на мислењето на мнозинството на пензионери.

- Речиси сите пензионери сметаа дека ваквата одлука е поправична и солидарна. Навистина донесовме солидарна одука бидејќи сите пензионери со помали пензии ќе добијат поголемо зголемување на пензиите, рече Аргировски.

Тој е задоволен од најавеното покачување, особено како што рече во услови на економска криза.