Кралев: Предвидено зголемување на издвојувањата во науката од 1,8 проценти од БДП

Изложба на научно-истражувачки проекти  е отворена во ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на науката за мир и развој за 2012 година.

Министерот за образование и наука Панче Кралев во обраќањето пред присутните рече дека во Предлог програмата за научно-истражувачка дејност е предвидено во одреден период од 2020 година, зголемување на издвојувањата во науката од 1,8 проценти од бруто домашниот производ.

- Владата и Министерството и покрај сложената финансиска состојба сметаат дека вложувањата во науката и научните истражувања треба да се зголемуваат секогаш кога е тоа возможно. За набавка на лабораториска опрема Владата има издвоено околу 30 милиони евра, истакна Кралев.

Владата и Министерството, во својата работа, додаде министерот, активно ја поддржуваат определбата дека најголемата инвестиција е образованието на младите генерации, а преку стимулирањето на нивната научна љубопитност и кретивност како држава ќе создадеме млад научен потенцијал, кој преку своите истражувања и сознанија ќе дадат импулс во позитивна насока во сите сфери во општеството и државата.

Ректорот на Универзитетот, Велимир Стојковски во обраќањето пред присутните рече дека УКИМ како најголем универзитет во Македонија е дел од заедничкиот европски истражувачки простор и е членка на сите позначајни европски и светски асоцијации.

- Нашите професори, соработници и покрај бројните потешкотии, главно од финансиска природа, науката и научните достигнувања  ги одржуваат на европскоо и светско ниво. Со години наназад издвојувањата за наука не се на задоволително ниво. Потребни се заеднички напори на државата, на универзитетите но сепак и на бизнис заедница која ги ужива плодовите од научните достигнувања, истакна Стојковски.

Тој посочи дека за одбележување е што Универзитетот, изминатата година,  добил 70 нови вработувања, отпечатени и преведени се голем број капитални учебници од кои се учи на познатите европски и светски универзитети, отворени се бројни лаборатории, опремени со најсовремена опрема.