Средби на министерот за надворешни работи, Никола Попоски во Брисел „Нашиот однос е исклучително отворен“

Првиот ден од работната посета на институциите на Европската унија министерот за надворешни работи, Никола Попоски, го започна со средби со комесарот за проширување во Европската комисија, Штефан Филе.

На средбата со комесарот Филе се разговараше за перспективите за одредување датум за почеток на пристапните преговори, како и за  реализираните активности во рамките на Пристапниот дијалог на високо ниво со Европската комисија.

„Европската комисија ќе продолжи да биде инволвирана во овој процес“ – рече   Министерот Попоски – и додаде дека „ги запознавме со позначајните активности кои сметаме да ги преземеме.“

Комесарот Филе беше запознаен со превземените иницијативи кон соседите, а и за нашите очекувања. „Значајно  е – нагласи Министерот Попоски - дека сите овие активности целат кон воспоставување на европски тип односи, онакви какви што постојат помеѓу било кои земји-членки на Европската унија“.  Во таа насока, комесарот Филе беше информиран и за нашето претседавање со Процесот за соработка на Југоисточна Европа што, според министерот Попоски, е дополнителен адут што потврдува дека Република Македонија игра многу конструктивна улога и помага на другите земји да ги подобрат меѓусоседските односи и вкупно како регион, даваме една позитивна слика.

Притоа, Министерот Попоски нагласи дека „македонската дефиниција за добрососедство е искреност, и тоа се очекува и од сите оние кои сакаат да придонесат кон реализирање на евро-атлантските интеграциски цели“. 

Во текот на попладнето, министерот Попоски оствари средби со повеќе членови на Европскиот парламент: Известителот за Македонија од групата на социјалистите Ричард Ховит (В. Британија), известителите во сенка Норика Николаи (АЛДЕ, Романија) и Марије Корнелисен (групата на Зелените, Холандија), копретседавачот со Мешовитиот парламентарен комитет Македонија-ЕУ Јорго Шацимаркакис (АЛДЕ, Германија), претседавачот на Комисијата за надворешни работи Елмар Брок (ЕПП, Германија), претседателот на групата “Пријатели на Македонија” во Европскиот парламент Мартин Кастлер (ЕПП, Германија), Андреј Ковачев (ЕПП, Бугарија) и Евгени Кирилов (С&Д, Бугарија).

Средбите во Европскиот парламент беа фокусирани кон нацрт-Резолуцијата за напредокот на Македонија во 2012 година, подготвена од известителот Ричард Ховит. Притоа, министерот Попоски изрази очекување дека со Резолуцијата, Европскиот парламент, кој ужива голема доверба кај македонските граѓани, ќе ги повтори клучните пораки: признание за остварениот напредок во реформите и повикот за неодложно отпочнување на преговорите за пристапување кон Европската унија.