Наскоро споменик на Мајка Тереза на плоштадот „Македонија“

Со симболично поставување плоча на плоштадот „Македонија“, попладнево беше означен почетокот на реализацијата на проектот за поставување спомен-обележје на Мајка Тереза. Споменикот ќе биде подарок од нејзината втора татковина - Индија, донација на компанијата „Сахара Индија Паривар“ на индискиот бизнисмен Субрата Рој, кој од вчера е во посета на Македонија.

Статуата ќе биде подигната во спомен и чест на  делото на скопската хуманистка и нобеловка за мир Мајка Тереза, која својата мисија за помош на сиромашните и болните ја извршуваше во Индија.

Не беа соопштени детали за изгледот и големината на споменикот, ниту кога ќе почне изградбата, но беше истакнато дека ќе биде монументално дело што ќе сведочи за нејзината  пожртвуваност.

Субрата Рој и премиерот Никола Груевски во говорите истакнаа дека Мајка Тереза е инспирација и врска на двата пријателски народа. Груевски истакна дека таа е нобеловка за мир, но она што ја разликува од сите други добитници на престижната награда е дека неа секој ја познава и оти тој лично бил прашуван за неа од многу државници и политичари со кои се среќавал низ светот.

- Она што ние и сите останати лиѓе во светот можеме да го направиме за неа, е сосема малку и сосема незначајно во споредба со она што таа го направи за нас и за сите следни генерации во светот. На нас,  на сите нас останува аманетот, потребата и желбата да ја ширимие нејзината мисла, да го чуваме нејзиниот спомен, да ги практикуваме нејзините желби и учења и да го продолжиме нејзиниот пат. Тоа е најмалку што можеме да направиме, истакна премиерот Груевски.

Споменикот ќе биде до хотелот „Мериот“ кој е во изградба. - Ќе биде симбол на заемната инспирација, љубов и почит на народите на Република Македонија и Индија кон ликот и делото на Мајка Тереза. Ние сме по многу нешта поврзани, но дефинитивно најсилната врска помеѓу Македонија и Индија е токму Мајка Тереза. Нејзиниот спомен е наша вечна инспирација, а најголемата порака која било која цивилизација ја испраќа во вечноста, е токму споменот, додаде Груевски.

Мајка Тереза била и мотивот поради кој Субрата Рој се приврзал кон македонската делегација за време на економската презентација во Њу Делхи кога разбрал дека доаѓа од родната земја на големата хуманистка, откри премиерот, присетувајќи се на првата средба со индискиот магнат. Во оваа пригода, шефот на Владата соопшти дека покрај економските инвестиции, Рој најавил и отворање болница за најтешко болни и најсиромашни луѓе во Македонија.

Индискиот милијардер зборуваше за познанството со Мајка Тереза, која на претсмртна постела го благословила и му оставила аманет да се грижи за сиромашните деца. Зборуваше за нејзината скромност и смислата за хумор, а пред се нејзината безусловна љубов кон децата и немоќните. И самиот од неа научил да им помага на другите и денес, по нејзината смрт, им помага на Сестрите на милосрдието на кои таа им припаѓаше.

- Таа беше граѓанин на светот и не знам зошто ме сакаше мене... Споменикот што ќе го изградиме ќе биде нејзин голем дом, не само статуа. Предлагам тој да се вика споменик на хуманоста, рече Рој, кој повеќепати нагласи дека е среќен што е во татковината на мисионерката, и дека луѓето во Македонија го потсетуваат на природата  и чесноста на Мајка Тереза.

- Опкружен сум со чесни и посветени луѓе во Владата и затоа ветувам дека ќе го сторам најдоброто за оваа земја, истакна Субрата Рој.

На свечениот чин, на кој присуствуваа повеќе членови на Владата, градоначалници и претставници на бизнис-заедницата, се обрати и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која рече дека благородниот гест на Рој говори за пријателството и довербата меѓу двата народа.

- Нејзиниот паметник овде, во нејзиниот роден град, и нашите заеднички заложби да го негуваме споменот за неа, верувам дека ќе ги обединат сите добронамерници од целиот свет, да ја посетат нашата земја и да го осознаат изворот на духовноста на Мајка Тереза. Вредниот подарок на господинот Рој, како и Спомен-домот кој досега го посетија повеќе од 400.000 посетители, во иднина ќе бидат столбови на сеќавањето за Мајка Тереза, кои ќе ги раздвижуваат надежите и ќе ги поместуваат границите, истакна Канческа-Милевска.