Владата усвои план за суштинска реформа на законодавството за стечај

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Комитетот за стечај кој е помошно тело на Владата на Република Македонија, во последните година дена од формирањето има постигнато значителни резултати во својата работа кои се карактеризираат со остварување на значителен прогрес и интензивирање на постапувањето по однос на стечајните постапки и предмети.

Во само една година на функционирање бројот на стечајни постапки, односно предмети, кои се заклучуваат односно завршуваат на годишно ниво е зголемен за 50%, и тоа од просечните помеѓу 80-100 постапки кои се завршувале во текот на изминатите години, минатата година се затворени 150 постапки. Тоа придонесува и вкупниот број на активни стечаи, како резултат на работата на Комитетот за стечај, да е намален за 20%.

Во насока на уште поголемо динамизирање на процесите, Комитетот за стечај предложи, а Владата усвои план за суштинска реформа на законодавството за стечај. Со оваа круцијална реформа ќе се забрзаат процесите за решавање на стечајните постапки, ќе се зголеми транспарентноста на процесите, значително ќе се намалат аномалиите и девијациите на процесот, и она што е најбитно ќе се зголемат и стимулираат можностите и опциите компаниите да не одат во стечај, туку оние кои се соочуваат со предизвици во својата работа да бидат насочувани кон реорганизација на деловниот потфат и продолжување со работа.

Владата денес ја отвора јавната дебата за оваа сериозна и суштинска реформа на законодавството.

Владата усвои правна рамка во која ќе се дефинира Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за стечај.

Прво, при потешкотии во работата наместо одење кон гасење на компанијата преку стечајна постапка ќе се стимулира реорганизација на деловниот потфат, односно опциите да се продолжи со работа преку квалитативни измени во бизнисот. За таа цел, привремениот стечаен управник ќе добива значителна финансиска награда која ќе биде поврзана со фиксен износ во зависност од големината на конкретниот бизнис. Така тој ќе биде мотивиран да изнајде опции да се продолжи со работа, да се обезбеди доходовност, што ќе значи и задржување на бизнисот и работните места.

Второ, во насока на зголемување на транспарентноста на процесите, отстранување на аномалиите и подобро процесуирање  на постапките ќе се воведе електронско постапување во делови од стечајната постапка, која ќе гарантира независност и фокус на приоритетите, и тоа:
-одлуките од судот во врска со стечаите ќе се објавуваат на новововедена електронска рубрика Е-стечај на веб страна на Централниот регистар;
-се воведува електронско именување на стечајни управници со што се врши рамномерна распределба на предметите и се овозможува на сите стечајни управници да имаат можност да бидат именувани во постапки пред други судови и се елиминира можноста за субјективизам во определување на стечајните управници;
-се воведува електронска продажба на имотот на должникот;
-се ограничува бројот на огласи за продажба на 3 огласи, и по 3 неуспешни обиди се распределува имотот на доверителите и се заклучува стечајната постапка. Со ова се елиминира одолговлекувањето на постапките со што се избегнува намалување на вредноста на имотот што е предмет на продажба.

Третиот корпус на измени се однесува на значително намалување на роковите за постапување, со што ќе се придонесе за брзо процесуирање на предметите, ефикасност и ефективност, и заштита на вредноста на имотот.
-се определува рок за постапување во стечајната постапка и во случај на субјективно оддолжување се разрешува стечајниот управник;
-скратени се роковите за вршење на попис и процена на имотот на должникот со што се забрзува постапката;
-скратен е рокот за пријавување на побарувањата и за испитување на побарувањата со што се забрзува постапката пред донесување на одлука за натамошен тек на постапката;
-скратени се роковите во парнична постапка за постапување по стечајни предмети;
-скратени се роковите за постапување по жалби во Апелационите судови и Врховниот суд.

Исто така, се укинува стечајниот совет како орган кој решава по жалби и со тоа се скратува времетраењето на постапката, а по спорови во врска со стечајот наместо во парнична постапка кај друг судија ќе се решава пред стечајните судии со што се добива во време.

Во просек роковите за постапување се кратат за половина од постоечките, а финалните ќе бидат утврдени по јавната дебата.

Овој Нацрт-предлог закон за измена и дополнување на Законот за стечај е испратен до меѓународни организации за да дадат мислење и евентуално да го подобрат квалитетот на законот, а ќе има и јавна дебата за текстот на законот со засегнатите страни.

Со сите овие измени се овозможува во идниот период да имаме големи придвижувања во позитивна насока во оваа област, што ќе биде од интерес за економскиот развој, за бизнисите и за работниците.