Груевски: Подадовме рака, СДСМ прави грешка, се надевам дека ќе се вразуми

Направивме многу иницијативи со кои сакавме да му подадеме рака на СДСМ да излезе од оваа ситуација во која сам влезе, но ја внесе и државата, истакна премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање за политичката состојба во Македонија.

Груевски потсети дека за надминување на состојбата имаше свикано лидерска средба, на 13 февруари даде посебен пакет, за иницијативите на претседателот Ѓорге Иванов и на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, меѓутоа, нагласи, сите иницијативи беа отфрлени од страна на СДСМ со, како што рече, нивното неразумно однесување.

- СДСМ прават сериозни грешки со ова што сега се случува. Влезени се во некој нивни филм дека немало да се повлечат, дека ќе прават борба итн. Значи, во еден затворен систем во посебен филм во кој од штета во штета се оди и за нив како партија и за државата, изјави Груевски во Свети Николе, по обиколката на подрачјата зафатени од поплави.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ смета дека опозицијата има време да размисли до недела за подадената рака.

- Измената на Законот е донесена во Парламентот. Можноста е на маса и се надевам дека и таму ќе преовлада разумот и дека ќе ја променат нивната одлука што ја донесоа, истакна премиерот Груевски.