Започна да се гради Дневниот центар за стари лица во Гази Баба

Започна реконструкцијата на Кино Маџари, објект кој што е предвиден за изградба на Дневен центар за стари лица во општината Гази Баба.

 

На отпочнувањето на реконструкцијата присуствуваа министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, градоначалникот на општината Тони Трајковски, како и претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери Драги Аргировски.

- Владата на Република Македонија води активна политика со која што нуди решение за проблемите на старите лица, превземајќи активности за подобрување на економската и социјалната положба на старите лица. За таа цел е донесена и Национална стратегија за стари лица во 2010 година, со која што се предвидува низа мерки, меѓу кои што и мерки за овозможување вонинституционална заштита на старите лица и отворање на дневни центри за овие лица, меѓу кои е и Дневниот центар за стари лица во општина Гази Баба, рече Спасов.

Тој рече дека овој проект ќе се реализира заеднички со општина Гази Баба, при што општината го превзема реконструирањето на објектот кој што претставува старото кино во Маџари, а Министерството за труд и социјална политика го превзема делот околу опремувањето на самиот простор.

Градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски информираше дека вкупната финансиска конструкција за овој проект е околу 4 милиони денари. Општината ќе инвестира 3 милиони и 400 илјади денари за комплетна санација на кровот, фасадата и подовите, комплетна замена на прозори и врати и комплетно уредување на внатрешниот простор, со комплетна санација на електричната инсталација.

-Дел од овој објект ќе биуде во функција на старите лица, односно ќе се намени за Дневен центар за стари лица. Пооловина од овој објект, веќе во минатото од страна на Министерството за правда беше реконструран и се користи како Матична служба, а останатата половина ќе биде Дневниот центар за стари лица, Народната кујна која што и досега функционираше и останатиот дел ќе биде Месна заедница, рече Трајковски.

Претседателот Драги Аргировски напомена дека Сојузот на здруженијата на пензионери на Република Мaкедонија ги поздравува ваквите зафати кои се дел од реализацијата на Националната стратегија за стари лица 2010 – 2020.