Бесплатни обуки за подобра ИКТ писменост на граѓаните од идната година
Македонските граѓани од јануари следната година добиваат можност да ја подобрат информатичката, комуникациската и технолошката писменост преку учество во бесплатни обуки во 22. бесплатни интернет клуба што моментно работат во 22 градови во Македонија.
Станува збор за нов проект што го одобри Владата на синоќешната седница, за чии активности за наредната година од буџетот ќе бидат одвоени милион денари, информира денеска министерот за информатичко општетсво и администрација Иво Ивановски. Очекувањата на Владата се во 2012 година ИКТ обуки да поминат од 4.000 до 8.000 граѓани, по што треба да се досигне годишна бројка од 10.000 граѓани. Тоа, најави Ивановски, ќе повлече отворање бесплатни интернет клубови во уште осум градови.
- Интернет клубовите ќе се користат за бесплатна обука на граѓаните за сите апликации за канцелариско работење, ворд, ексел, пауер поинт и апликации како веб пребарување, електронска пошта, скајп, комунуикација на социјални мрежи и останати апликации, изјави Ивановски, појаснувајќи дека проектот се спроведува на барање на граѓаните кои ги посетуваат бесплатните интернет клубови.
Заинтересираните граѓани, независно од возраста, ќе можат да учествуваат во обуките со пријавување на конкурс што ќе го објави Министерството за инфирматичко општество и администрација (МИОА). Селекцијата ќе биде на принципот прв пријавен прв услужен, а ќе има и интервјуа на кои ќе се проценува нивото на знаење. Ќе бидат повикани и 7.000 граѓани пријавени за обуките во 2008 година, што не се реализираа поради економската криза. Пријавувањето ќе биде преку контактирање на вработените во бесплатните интернет клубовите, електронска пошта на веб страницата на МИОА или јавување на бројот 15 111.
- Ова е уште еден начин како Владата прави проекти со цел да се зголеми информатичката, комуникациската и технолошката писменост на граѓаните на Македонија. Тоа е индикатор кој се следи во сите извештаи на ЕУ, ОН, Светска банка, со цел да се подобри сликата на писменост на граѓаните во Македонија. Очекуваме наредната година да се обучат од 4.000 до 8.000 граѓани имајќи ја предвид посетеноста на интернет клубовите. Таа бројка ќе биде индикатор за наредните години при што ќе треба дополнително да се отворат уште осум интернет клубови во осум градови за да може таа бројка да стигне до десет илјади граѓани на годишно ниво кои ќе можат бесплатно да се образуваат, изјави Ивановски.
Бесплатните обуки ќе ги вршат вработените во интернет клубовите кои исто така ќе поминат соодветна подготовка. Таму каде ќе се оцени дека капацитетот не е добро развиен ќе бидат ангажирани професионалци.
Според Ивановски, особено е важно можноста за обуките да ја искористат социјално загрозените категории, по што, како што рече, ќе можат да го покажат знаењето и да бидат вклучени активно во развојот на економијата на Македонија.
Последните информации на Агенцијата за електронски комуникации покажуваат дека 54 проценти од македонските граѓани имаат компјутер, што, смета Ивановски, е одлучна и сериозна бројка како во повеќе европски земји.
Дводневната работилница е во организација на Канцеларијата на Народниот правобранител и Центарот за еколошка демократија „Флорозон„, со поддршка на амбасадите на Соединетите aмерикански држави и на Кралството Норвешка.