Ставрески: Вклучувањето во Јужен тек ќе ја забрза гасификацијата на Македонија
Вклучувањето на Македонија во проектот Јужен тек со потпишувањето на меѓудржавниот Договор во Москва во вторникот ќе ја забрза гасификацијата на земјава, смета вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Одговарајќи на прашање по потпишувањето на Спогодбата меѓу Владата и Сојузна Република Германија и Договорот меѓу КФВ банката и АД ЕЛЕМ за заем од 35 милиони евра за реализација на проектите „Ветерен парк Богданци“ и ревитализација на ХЕЦ „Шпилје 2“, Ставрески појасни дека Македонија во вторникот потпишала ист договор со Русија како и сите 10 земји кои пред нас се вклучија во овој гасовод.
- Во Договорот за вклучување во Јужен тек се предвидува Газпром и македонската државна компанија Македонски енергетски ресурси заеднички да работат на техничкото решение од која страна ќе доаѓа кракот од гасоводот за Македонија и како технички ќе биде изведен. Очекуваме во блиска иднина тоа да биде завршено и Република Македонија да добие дополнителни количини на гас, рече Ставрески.
Тој посочи дека станува збор за меѓународен проект кој иако се базира на руски гас, вклучува и акционери од неколку европски земји, меѓу кои од Германија и од Италија. Со овој проект, како што нагласи, поврзана е и изградбата на националната гасна мрежа во Македонија.
- Тоа се два различни проекти, но се поврзани. Со самото тоа што преку Јужен тек ќе обезбедиме дополнителна количина гас и стабилен извор на гас до македонската граница, се создаваат можности да се реализира и проектот за изградба на внатрешната гасификациска мрежа која ќе се реализира преку средствата од клириншкиот долг во првата фаза, а во втората фаза преку кредитни средства од ЕБРД и други извори, појасни Ставрески.
Со реализацијата на двата проекти, како што кажа, практично ќе се донесе гасот до сите македонски домаќинства и до сите индустриски капацитети што ќе придонесе за подобра цена на гасот во Македонија заради зголемениот конзум.
- Без енергетски проекти и без инвестирање во енергија не може да се оствари повисок економски развој и конкурентност на економијата. Затоа е значајно што со вклучувањето на Македонија во Јужен тек се обезбедува сигурно и стабилно снабдување со енергија за наредните неколку десетици години како за производствените капацитети, така и за домаќинствата, потенцира Ставрески.
Изградбата на секундарната мрежа во Македонија, како што посочи вицепремиерот и министер за финансии, прелиминарно е проценета дека ќе чини околу 300 милиони евра. Во моментов е објавен тендер и почнува работата на физибилити-студијата за мрежата по одделни градови преку која ќе се добијат дефинитивните пресметки.
- Значајно е што за првата фаза се обезбедени вкупно 75 милиони американски долари од кои 60 милиони се од клириншкиот долг на Русија кон Македонија, а со 15 милиони ќе учествува Македонија во реализацијата на тој проект. Со овие средства практично ќе биде реализиран првиот крак на гасоводот од Клечовце до Штип. Очекуваме при крајот на овој или почетокот на идниот месец од Стројтранс гас, руската компанија што е партнер за изградба на внатрешната мрежа, да ја добиеме дефинитивната понуда за првиот крак, потоа владите на Русија и Македонија треба да ги потврдат условите на понудите и некаде наесен да се потпише дефинитивниот договор со Стројтранс гас со што потоа ќе почне и реализацијата на изградбата, рече Ставрески.