Од март интернет игри на среќа во Македонија
Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
Почитувани,
Интернет лотаријата, односно интернет игрите на среќа се широко распространети во светски рамки. Во Република Македонија во овој момент нема субјект кој оперативно ги организира, а како една од причините се гледа што за нивна организација и приредување е потребно големо инвестициско вложување. Нашите граѓани во овој момент играат интернет игри на среќа на странски сајтови и веб страни. Тоа пак од своја страна придонесува значителен одлив на средства од Република Македонија, што не е добро за државата и за општеството.
Од овие причини, и заради надминување на предизвиците Владата минатата година почна да реализира еден покомплексен процес чија цел е создавање на систем за превенирање на вакви појави и можност за формирање на домашен субјект кој во идниот период би се занимавал со оваа работа.
Затоа Владата најпрвин донесе измени на Законот за приредување игри на среќа и забавни игри, со кои се создадоа услови за инвестициско вложување од страна на приватен капитал во процесот на воспоставување на државна лотарија за интернет игри на среќа, а дополнителни цели се регулација на постоечки состојби преку правење системско решение, создавање на нови можности за развој на оваа дејност и овозможување на државна контрола на игрите на среќа на интернет.
Како резултат на овие измени минатата година беше распишан меѓународен јавен повик за привлекување на странски приватен капитал за реализација на проектот. На овој повик за најсоодветен партнер со кој ќе се реализира проектот беше одбран Австрија казино, еден од најреномираните субјекти во оваа област кој има свои експозитури или пак реализира деловен потфат во над 40 земји во светот.
Новиот домашен правен субјект кој ќе се формира за приредување на интернет игри на среќа ќе се вика Државна видео лотарија. Во ова друштво, државата преку Државната лотарија на Македонија ќе има 51% од сопственоста, а Австрија казино ќе има 49% од сопственоста.
Државата нема да има финансиски издатоци во овој деловен потфат, односно ќе го пренесе само правото на организирање на игри на среќа кое има своја проценета вредност. Австрија казино пак ќе има обврска да инвестира 6 милиони евра, средства кои ќе бидат искористени за реализација на потребите на друштвото, во смисла на обезбедување на опрема, техника, тековни средства и останати логистички потреби. Значајно е да се истакне дека Австрија казино ќе обезбеди и стручна помош и знаења, како и искуство и пракса во реализација на проектот.
Во текот на следната недела новото друштво Државна видео лотарија ќе биде основано и запишано во Централниот регистар. По овој чин, во следните шеесетина денови треба да бидат завршени сите останати процесни претпоставки, во смисла на обезбедување на простории, опрема, техника и апарати, вработувања на кадар и останати потреби, и некаде кон крајот на март и почетокот на април оваа година Државната видео лотарија ќе почне со функционирање.
По почетокот на функционирањето ова друштво ќе почне со приредување на интернет игри на среќа, интернет спортско обложување, он лајн игри на среќа и други игри. Истите овие игри кои ќе може да се играат на интернет ќе може да се играат и на специјализирани терминали.
Со стартот со приредувањето на игри на среќа организирани од Државната видео лотарија, од тој момент во период од наредните две години, надлежните институции како што се Агенцијата за електронски комуникации, Министерството за информатичко општество, врз основа на најдобрите светски практики за домашните играчи ќе го оневозможат играњето на интернет игри на среќа на странски сајтови и странски веб страници.
Интернет игрите на среќа во Република Македонија досега не беа организирани од субјект во Македонија, а граѓаните ги играа преку интернет за странски субјекти. Тоа предизвикува одлив на средства од државата, и ја ослабува регулацијата на дејноста, а државата нема никаков приход по основ на данок од кој се обезбедуваат средства за интересите на граѓаните.
Сега со оваа можност, со приредување интернет игри на среќа од домашен субјект Државната видео лотарија, односно од страна и со учество на државата ќе се остварат повеќе цели и тоа:
-ќе има регулација на системот;
-средствата нема да се одлеваат од државата, затоа што странските интернет игри на среќа не би биле дозволени, што значи дека средствата ќе остануваат во државата;
-државата ќе остварува приход од даноци, а тоа покрај редовното полнење на буџетот за други намени, значи и повеќе финансиски средства за специјалните ставки кои Лотарија ги дава по определен основ за екологија, за спорт, за здравство и ранливи групи итн...
Дополнително, европската практика покажала дека по регулацијата на оваа област од страна на државата и со учество на државата покрај овие позитивни фискални ефекти се дестимулира играњето на среќа и паѓа бројот на играчи што е на линија на заштита и на општествениот интерес.
Со овој проект државата нема финансиски импликации и трошење на средства од државниот буџет за инвестицијата, туку со формирањето и почетокот на работа на ваков субјект ќе се остварат дополнителни приходи кои би биле од интерес за граѓаните.