Сарачини: Измените на Законот за трговски друштва ќе ја подобрат бизнис климата

Владата, пред една недела, ги усвои последните измени и дополнувања на Законот за трговски друштва и веќе се доставени во собраниска процедура, информира денеска министерот за економија Ваљон Сарачини.

Измените на Законот, како што нагласи, се во насока на подобрување на општата бизнис клима во земјава и се работени по насоките на извештајот од Светска банка со цел Македонија повисоко да биде рангирана во делот на правење бизнис.

- Со измените секој трговец поединец веќе нема обврска физички да пријави или да основа фирма, туку тоа може да го направи по електронски пат за само четири часа и без никакви трошоци. Битна измена е што сите содружници, управители и членови на органи на управување кај кои е почната постапка за бришење на фирма од Централниот регистар во наредните три години нема да имаат право да основаат фирма, рече Сарачини, во одговор на прашање по средбата со директорката на Канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Македонија, Анка Јоана Јонеску. 

Досега, како што кажа, многу трговци поединци кои основале фирми и немале никаква активност не поднесуваа барање фирмите да бидат затворени поради што беа евидентирани како неактивни фирми.

- Бројот на неактивни фирми изнесуваше над 20.000 и ни правеше проблем во извештаите на Светска банака и во другите извештаи за Република Македонија да се рангира повисоко. Со измените трговецот поединец што нема да поднесе барање во Централен регистар за да се избрише  неактивна фирма и доколку е потребно државата да го направи тоа,  нема да има право три години да основа ново друштво. Покрај тоа, нема да имаат право да бидат управители, ниту, пак, членови на управување на некој орган, прецизира Сарачини.

Тој посочи дека измените предвидуваат и содружниците во друштвата кои должат по основа на неплатени даноци, царини или други продонеси да не можат  да купуваат или да продаваат удели на некој друг.