Бесплатен меѓуградски превоз за глуви и за лица со интелектуална попреченост

Глувите лица и лицата со тешка интелектуална попреченост ќе имаат бесплатен меѓуградски превоз, кој ќе го обезбедат автобуските превозници.  Оваа поволност е овозможена со измените во Законот за патен сообраќај, а новината ја соопшти министерот за труд социјална политика Диме Спасов на прес-конференција со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Досега правото на повластен превоз во меѓуградскиот сообраќај  го користеа 2470 слепи лица и 348 лица со телесна инвалидност (вкупно 2818 лица), кои и понатаму бесплатно ќе  ја користат таа услуга.

- Во соработка со Министерството за транспорт и Здружението на превозници  се обезбедува бесплатен превоз на оваа категорија наши граѓани  и нивни придружници. За нив се обезбедуваат шест повратни карти во меѓуградскиот сообраќај. За остварување на оваа поволност потребно е лицата да приложат потврда за членство и возен картон издаден од надлежниот национален сојуз, рече Спасов.

Тој нагласи дека вистинската интеграција на лицата со инвалидитет почнува со условите за непречена комуникација и движење и дека за да ги иполни нив Министерството во партнерство со други институции и здруженија постојано осмислува концепти за  поволности на лицата со инвалидност.

Ги наведе и новововедениот надомест за глувост за глувите лица, новата парична помош за лица со квадриплегија, тековното зголемување за 50 проценти на додатокот за  самохрани родители на деца со пречки во развојот, обуката за знаковен јазик за фармацевти, обуките за толкувачи и други проекти кои треба да го олеснат секојдневниот живот на лицата со инвалидност.