Јанакиески на министерска сесија за развој на транспортната мрежа на ЈИЕ во Белгија

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески вчера присуствуваше и се обрати на 7. министерската сесија за развој на транспортната мрежа на Југоисточна Европа  - СЕЕТО, во Антверпен, Белгија.

Како што соопшти денеска Министерството за транспорт и врски, Јанакиески го презентира постигнатиот прогрес и идните планови на Република Македонија за развој на транспортната инфраструктура по европските коридори, дел од СЕЕТО.

Тој во своето обраќање посочи дека Република Македонија активно учествува во работата на Транспортната опсерваторија на Југоисточна Европа и со својата конструктивност придонесува за јакнење на добрососедските и пријателски односи со земјите од регионот и оти е силно фокусирана на унапредување на регионалната соработка. Јанакиески ги претстави и активностите кои ги презема Република Македонија за модернизација на коридорите 8 и 10, преку инвестиции во доизградба и подобрување на квалитетот на инфраструктурата.

- Оваа 2011 година беше многу успешна за нас, кога со реализација на проектите долж Коридорите, се приближивме до остварување на нашата главна стратешка определба тие да претставуваат вистинска транспортна артерија на регионот. Оваа година завршивме со изградба на делница од патниот Коридор 10 и целосно ги модернизиравме двата аеродроми во Република Македонија. Инвестиции од околу 240 милини евра, наласи министерот за транспорт и врски.

Вложувањето во развојот на железничкиот транспорт како „еколошки транспорт“, како што истакна, е наша стратешка цел и долгорочна определба.

Оттука, една од главните заложби на Владата на Република Македонија е завршување на железничката оска исток – запад, односно поврзување на Јонското и Црното море, преку доизградба на неизградените делници на Коридорот 8. Сигурни сме дека ова е еден од проектите, кои со сигурност ќе ја одбележат оваа деценија, па искрено би ја ценеле поддршката од Европската унија за реализација на оваа регионална стратешка цел, истакна Јанакиески во обраќањето на СЕЕТО.