Обуки за администрацијата за креирање политики и компетенции
Триесет административни службеници од различни институции од денеска учествуваат на обуки за креирање политики и компетенции. Предвидени се три циклуси обуки, што Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) ги организира за подобрување на ефикасноста на работата на администрацијата.
Првиот циклус од обуките, за стратешко планирање политики, ќе го водат британски обучувачи од Westminster LTD. Потоа ќе следат и обуки за лидерство и за водење тимови, со експерти од Канада и Холандија.
Учесниците кои ќе ги минат трите циклуси обуки потоа своите знаења и компетенции ќе им ги пренесуваат на административните службеници на кои ќе им биде потребна соодветна надградба на сопствеите знаења и вештини, најави министерот за информатичко општетсво и администрација Иво Ивановски.
Триесетте учесници на обуките за обучувачи МИОА ги избра преку оглас, од вкупно 100 пријавени. Тие, според Ивановски, ќе се стекнат со искуство од експерти од држави што имаат направено огромни реформи во администрацијата.
- Овие 30 обучувачи ќе имаат задача во наредните неколку месеци да ги обучуваат и своите вработени во институциите, а по потреба и други вработени во администрацијата. Со ова очекуваме дека ќе се подобри системот за ефикасност во администрацијата. Со новите закони за вработени во јавниот сектор и за администрација се потребни компетенции. Со овие компетенции и овие знаења што ќе ги пренесуваат обучувачите вработените во администрацијата ќе можат да напредуваат, а со тоа граѓаните ќе добијат поефикасни услуги според нивните потреби, изјави министерот Ивановски.
Британскиот амбасадор Чарлс Едмунд Гарет изрази задоволство од учеството на Британија во обуката, која, како што истакна, е многу важен дел за реформите во јавната администрација и за интеграцијата во Европската унија.
- Во Британија имаме многу искуство во оваа област и се надевам дека може да го споделиме ова со службениците тука, изјави Гарет.
МИОА и Британската амбасада во 2011 потпишаа меморандум за соработка во рамки на проектот „Поддршка за реформите во јавната администрација“.