Груевски: Економијата се движи во добра насока
Податоците што ги објави Државниот завод за статистика за движењата во економијата покажуваат дека работите одат во добра насока, оцени денеска премиерот Никола Груевски.
Одговарајќи на новинарски прашања, Груевски истакна дека во вториот квартал македонската економија, односно БДП бележи раст од 4,3 проценти што е највисок раст во Европа.
- Индустриското производство во јули пораснало за 5,9 проценти, а во првите шест месеци е 4,7 проценти. Имаме раст и на вработувањата во индустријата за околу 6,7 отсто и што е најважно во вториот квартал раст на севкупната економија, односно на БДП за 4,3 отсто, што е највисок раст во Европа. И во првиот квартал растот е 3,9 отсто, што е исто така највисок раст во Европа за тој период. Севкупно, за првите шест месеци Македонија има највисок раст во Европа споредено со која било друга држава, посочи Груевски по пуштањето во употреба на реконструираното подрачно училиште „Кузман Јосифовски - Питу“ и на повеќенамеското игралиште.
Овој пат, додаде Груевски, не зборуваме за прогнози, туку за веќе завршени шест месеци во кои се знаат резултатите во цела Европа и во Република Македонија.
- Тоа говори дека работите одат во добар правец, а тоа се покажува и со континуираниот пад на невработеноста. Само во првите шест месеци, од јануари до јуни, имаме пад на невработеноста од 28,8 на 28,2 проценти што значи дека во секој квартал по малку се намалува процентот на невработеноста, нагласи Груевски.
Според него, најавените инвестиции и оние кои се пред одлука за инвестирање ќе влијаат на зголемувањето на вработеноста, извозот, девизните резерви и сите останати параметри значајни за економијата.