Министерот Јанакиески го посети здружението „Полио плус“

По повод Меѓународниот ден на лицата со хендикеп - 3 декември министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска го посети здружението „Полио плус“.

Во рамки на посетата ресорниот министер го презентирал проектот за реконструкцијата на Железничката станица во Скопје во која ќе биде обезбеден соодветен пристап, тактилни патеки и сите потребни прилагодувања за да можат да ја користат сите жители без оглед на здравствената или телесната состојба во која се наоѓаат.

На забелешката од претседателот на Здружението Звонко Шаврески за проблемот со функционирањето на рампите за пристапност во новите автобуси, кои, според него возачите не ги користат, Јанакиески рече дека за тоа го информирал директорот на Јавното сообраќајно претпријатие.

Јанакиески упати апел и до сите возачи да ја користат рампата бидејќи автобусите имаат можност автоматски да се отвори рампата и лицето со посебни потреби да може да се качи во автобусот.

- Доколку има било какви технички проблеми, да бидат отстранети за да можат рампите да бидат во функција и да им биде дозволено на хендикипираните лица да ги користат, порача Јанакиески.

На средбата било разговарано за работи што треба да ги преземе Министерството за транспорт и врски за побрза имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност која се очекува в понеделник да биде усвоена од пратениците во Собранието.

- Континуираниот дијалог со ваквите здруженија ја носи Република Македонија чекор напред кон овозможување подобар пристап на лицата со хендикеп пред се во јавните институции, нагласи Јанакиески, потсетувајќи дека пристапни рапми за лицата со посебни потреби се направени и во новата терминалан зграда на аеродромот „Александар Велики“.

Ресорниот министер најави дека ќе се формира работна група за одбележување на паркинг местата за лицата со хендикеп што произлегува од Законот за безбедност во сообраќајот.