Арафат Шабани – заменик- министер за образование и наука

Арафат Шабани е роден на 20 март 1976 година.

Во периодот од 1998 до 2001 година се стекнува со професионално образование по психотерапија (интегративна психотерапија) во Центарот за развој, консалтинг и психотерапија.

Во периодот од 1995 до 1999 година на  Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје на Филозофскиот факултет дипломира како психолог.
На Филозофски факултет на Универзитетот во Приштина, Косово, во 2002 година се стекнува со звањето дипломиран педагог.

Во 2003 година дипломира на Катедрата за социологија на Факултетот за обука на наставници при Универзитетот на Југоисточна Европа и се стекнува со звањето дипломиран социолог. 

Во 2005 година магистрира социјална психологија на  Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. На истиот универзитет во 2006 година ги завршува магистерските студии за мир и развој.

Во 2008 година се стекнува со звањето доктор по психолошки науки на Универзитетот на Југоисточна Европа и Универзитет во Индијана, САД.

Во периодот од 2008 до 2013 година е доцент по педагошка психологија и методологија на поучувањето  на Факултетот за јазици, култури и комуникација при Универзитетот на Југоисточна Европа.

Од 2013 до 2018 година е вонреден професор по педагошка психологија на истиот факултет.

Од 2018 година е избран за редовен професор по педагошка психологија и менаџмент во образованието.
Во периодот од 2016 до 2018 е продекан на Факултетот за јазици, култури и комуникација при Универзитетот на Југоисточна Европа.

Од 2019 до 2020 е декан на истиот факултет.

Од септември 2020 година ја извршува функцијата заменик- министер за образование и наука.

Во текот на својата богата професионална кариера работел на повеќе позиции  и на голем број проекти во земјата и странство. 

Како професионален консултант и член во стручни комисии е повеќепати  ангажиран во Министерството за образование и наука, во периодот од 2011 до 2013 година е советник на потпретседател на Владата на Република Северна Македонија за европски прашања.

Шабани е ангажиран и како професор  на Државниот универзитет во Тетово, на ФАМА Универзитетот во Приштина и на Педагошкиот факултет при Универзитетот во Приштина. 
Претседател е на Центарот за професионално лидерство-УЈИЕ и потпретседател на Институтот за демократија и развој.

Благодарение на  неговата експертиза од психологија, педагогија, социологија, учење на услуги, управување со проектниот циклус, совети за политика и координација е вклучен во голем број проекти во земјава и регионот, но и во земји од Европската Унија и САД.

Автор е на голем број стручни трудови објавени во земјава и странство.

Говори албански, македонски, англиски, српски, хрватски и турски јазик.

Оженет е.