Павле Трајанов, Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам
Павле Трајанов, роден на 25.12.1952 година во Д. Радеш, Радовиш. Завршил Правен факултет, положил правосуден испит, зборува англиски, руски, српски и други јазици.
По завршувањето на Правниот факултет, во 1977 година се вработува во МВР, каде извршува значајни работни должности и кариерата ја завршува како министер за внатрешни работи.
Бил аналитичар, началник на одделение, началник на сектор за анализирање и истражување на безбедносни појави, советник, потсекретар на Службата за јавна безбедност, помошник министер за оперативни работи и министер за внатрешни работи (1998-1999 година).
Бил активен во средношколската младина во гимназијата „Коста Сусинов“ во Радовиш, претседател на младината на Правниот факултет и претседател на младината во МВР.
Во 1989 година заедно со 7-мина припадници на МВР (т.н. „осумтемина“ од РСВР) ја најави демократската пролет во Македонија, залагајќи се за воведување на повеќе партиски систем и спротивставувајќи се Службата за државна безбедности натаму да биде ударна тупаница на Сојузот на Комунистите и инструмент за елиминирање на политичките противници. Павле Трајанов, како дел од осуммината во МВР активно се вклучува во надминување на деформациите на безбедносните служби, како и во реформирањето на МВР.
Павле Трајанов, како потсекретар за јавна безбедност има значаен придонес за осамостојувањето на Македонија (1991-1993 година), како и во борбата против криминалот, корупцијата, посебно во борбата против организираниот криминал.
Во периодот 1991-1993 година, заедно со раководството и припадниците на МВР, целокупниот безбедносен систем го вклучува за поддршка на идеите за самостојна Македонија.
Павле Трајанов ја иницира, организира и спроведува најризичната и најзначајната операција (во август 1991 година) за одземање на воената евиденција за резервниот состав од Републичкиот секретаријат за одбрана, со што спречува десетици илјади млади резервисти да бидат упатени на фронтови во Југославија.
Павле Трајанов го подготвува Договорот за дислокација на ЈНА од Република Северна Македонија, го организира обезбедувањето на границите од страна на полицијата и силно се спротивставува на идеите и плановите на ЈНА, за воен удар во Република Северна Македонија.
Во 1994 година, прв изјавува дека во Република Северна Македонија има организиран криминал, во кој се вклучени носители на јавни функции, како и министри од Владата.
Во 1998-1999 година раководи со МВР (министер за внатрешни работи), при што се спротивставува на обидите за дестабилизација на Република Северна Македонија и успешно се справува со безбедносната криза, екстремизмот и тероризмот, врши темелна реорганизација на МВР, со воведување на антитерористички центар, оддел за борба против организираниот криминал, емиграционо биро и др.
Во текот на 1999 година, под негово раководство Република Северна Македонија прифаќа над 500.000 бегалци од Косово, ја одржува стабилноста на државата и спречува конфликтот од Косово да се прелее во Република Северна Македонија.
Во јануари 2000 година го иницира формирањето на нова политичка партија –Демократски сојуз.
На 19 март 2000 година, на Основачкото собрание на Демократскиот сојуз е избран за претседател на ДС.
Од 2006 година до 2017 и 2020 до 2024 година беше пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.
Владата на Република Македонија во 2017 година го назначи Павле Трајанов за Национален координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Македонија. На оваа позиција беше до 2020 година, кога стана пратеник во Парламентот.
Павле Трајанов е член и почесен доктор на науки на Светската академија на науките за комплексна безбедност, пишувал колумни во „Дневник“, дал над 320 интервјуа, учествувал во повеќе дебати, одржал над 360 прес конференции и др.
Меѓу другите проекти кои ги изготвил и доставил до Собранието на Република Северна Македонија, се вбројуваат и проектите за декриминализација „ДЕКРИ“ со кој се објавува „војна против организираниот криминал“, како и Стратегијата за фазно решавање на спорот наметнат од Република Грција околу името на нашата држава.
Павле Трајанов подготвил повеќе законски проекти меѓу кои:
Закон за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка (преиспитување на монтирани судски процеси)
Закон за борба против тешки облици на организиран криминал и висока корупција (формирање Агенција за борба против тешки облици на организиран криминал и висока корупција), како и Закон за измени на изборните правила со кој се предлага Република Северна Македонија да биде една изборна единица.
Павле Трајанов бил член или членува во следните Собраниски тела:
• Комисија за европски прашања, член
• Комисија за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи и од Министерството за одбрана, заменик-член
• Комисија за одбрана и безбедност, член
• Комисија за уставни прашања, член
• Делегација на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Северноатлантската договорна организација, со статус на придружна делегација (ПС НАТО), член
• Делегација на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација (Мешовит парламентарен комитет ЕУ - Република Северна Македонија), заменик - член
• Пратеничка група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Државата Израел, претседател
• Пратеничка група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, член
• Анкетна комисија за утврдување на околностите за загинувањето на претседателот на Република Северна Македонија Борис Трајковски, член
• Комисија за надворешна политика, член
• Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, заменик-член
• Пратеничка група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Швајцарската Конфедерација, член
• Пратеничка група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Конгресот на САД, член.
Павле Трајанов е наградуван и одликуван, посетувал голем број на семинари, курсеви и специјалистички обуки, меѓу кои и на семинар организиран од Европскиот Центар за безбедносни студии „ Џорџ Маршал“ во Германија и др.
Со одлука на Владата на Република Северна Македонија од 1 август 2024 година Трајанов е именуван за Национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.
Телефон за контакт: | +389(0)2 3213-940, локал 278 |
Е-маил: | pavle.trajanov@gs.gov.mk |