Надлежности на Владата
Според Уставот на Република Северна Македонија, во надлежности на Влада спаѓаат:
- да ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување;
- да предлага закони, републички буџет и други прописи што ги донесува Собранието;
- да предлага просторен план на Републиката;
- да предлага одлука за резервите на Републиката и се грижи за нивно извршување;
- да донесува уредби и други прописи за извршување на законите;
- да утврдува начела за внатрешна организација и за работа на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа;
- да дава мислење за предлозите на закони и други прописи кои на Собранието му ги поднесуваат други овластени предлагачи;
- да одлучува за признавање на држави и влади;
- да воспоставува дипломатски и конзуларни односи со други држави;
- да донесува одлуки за отворање на дипломатско-конзуларни претставништва во странство;
- да предлага именување амбасадори и пратеници на Република Македонија во странство и именува шефови на конзуларни претставништва;
- да предлага јавен обвинител;
- да врши именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон;
- да врши други работи утврдени со Уставот и со закон.
- Владата и секој нејзин член одговараат пред Собранието за својата работа. Одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата ѝ е изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка.