Дебата за реформите во високото образование
Ректорот на Скопскиот универзитет и претседател на Интеруниверзитетската конференција Велимир Стојковски на дебатата за измените на Законот за високо образование која попладнево се одржува во Собранието на РМ, го пренесе ставот на Ректорската управа и на Сенатот на УКИМ дека е потребно повеќе време за поопсежна дебата, нагласувајќи дека нема дилема оти измените се прават со добра намера.
- Никој не е против промени. Мисијата ни е на сите иста, но ни треба поопсежна и потемелна дебата. Сенатот и Управата поддржуваат промени, но бараат повеќе простор за дебата, рече Стојковски, додавајќи дека имаат 130 страници забелешки кои заслужуваат внимание. Предложи и сосема нов закон за високо образование, зашто од 2008 до 2014 овие се шести измени на постојниот.
Според него, образованието треба да се гледа како интегрален систем и да се почне од основното образование. Забележа на укинатиот приемен испит на факултетите, кој постоеше до пред неколку години, со што кандидатите сега се селектираат според успехот во средно а, рече тој, критериумите на средните училишта се различни.
Смета дека е потребна ревиизја на критериумите од Болоњскиот процес кој, како што рече, секоја високообразовна институција во Македонија ги толкува на свој начин.
Груевски се согласи со ставот за Болоња. - И Болоња ја напушти Болоња, рече премиерот кој за останатите забелешки на ректорот на УКИМ имаше свои аргументи.
Му одговори дека дебатата трае од октомври што, рече тој, е најдолг период досега во носењето на некој закон, и дека аргументирана дебата треба да се смета и секој изнесен јавен став на министри, ректори и декани во изминатите три месеци.
- Се што стигна до нас, ние го анализиравме, дел прифативме, а дел не. Денес поканивме да аргументираме, не да одложуваме, рече Груевски.
За забелешките на УКИМ рече дека најголем дел од 130-те страници се однесуваат на реформите на педагошките факултети, а не за измените на Законот за високо образование, а на забелешката за укинатиот приемен испит, одговори дека сега постои државна матура.
Во врска со предлогот да се укинат 180 кредити, односно тригодишни додипломски студии, и на сите факултети првиот циклус да трае четири години односно 240 кредити, заменик-министерот за образование и науа Спиро Ристовски образложи дека со 180 кредити факултетите станале тригодишни курсеви со кои студентите не можат да најдат работа. Потоа се обврзани да плаќаат за додатни две години втор циклус студии. Факултетите заради самоодрживост, рече Ристовски, ги тераат на двегодишни магистерски студии.
- Затоа е потребно да се вратат четиригодишни студии, односно 240 кредити, достојното ниво на образованието, рече Ристовски.
Ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа Замир Дика предложи зајакнување на надворешната евалуација што како инструмент на контрола на акредитираните програми постои но не функционира.
Предложи и двојно оценување во секоја област, т.е. во проверката на знаењето на студентите да учествуваат двајца професори