Владата ги повикува сите субјекти да достават предлози за реформи во високото образование
Со цел унапредување на квалитетот на високото образование, Владата на Република Македонија во изминатиот тримесечен период на транспарентна и сеопфатна дебата во јавноста по однос на предложените реформи во високото образование, прифати поголем број на аргументирани сугестии за квалитативно подобрување на концептот на реформите и на текстот на предложените законски решенија.
Денес, Владата на Република Македонија упатува уште еден повик и замолница, до сите субјекти кои имаат интерес и конкретни и аргументирани идеи и предлози за понатамошно унапредување на реформата, до сите универзитети, до целата професорска фела и до сите студенти, вклучувајќи ги и оние професори и студенти кои побараа а во текот на вчерашниот ден и прифатија учество во дебата а потоа решија да не присуствуваат на истата, да ги испратат своите предлози за квалитативно надградување и надополнување на текстот и членовите на предложените законски реформи, до Владата или до Министерството за образование и наука во писмена верзија, за да може да бидат соодветно, детално и сеопфатно разгледани и да се увиди можноста за нивно вградување во законските решенија.
Владата на Република Македонија е отворена за сугестии, и подготвена да ги разгледува и анализира сите аргументирани предлози кои ќе пристигнат, и тоа за секој член од законските решенија, и затоа уште еднаш го упатуваме овој апел до целата академска заедница.