Од март нови 5.000 пензионери бесплатно на бања
Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
Почитувани,
Во рамките на своето дејствување, една од темелните политики на Владата на Република Македонија е и политиката за обезбедување на повисок степен на задоволување на потребите на категоријата повозрасни граѓани. Таа наша заложба се реализира преку една поширока палета на мерки и активности, како што се зголемувањето на пензиите, определени поволности кои оваа категорија граѓани ги добива во здравството или пак поволности во определени услуги кои се добиваат од државата, како и низ други проекти.
Денес сакаме да информираме дека Владата на Република Македонија ја усвои Програмата за користење на услугата бесплатна бањско климатска рекреација за пензионери за 2015 година. Согласно оваа Програма, се предвидува во текот на 2015 година, најмалку 5000 пензионери да ја искористат можноста за бесплатен престој на бања.
Периодот во кој пензионерите ќе може да ја користат оваа бесплатна услуга е во интервалот од месец март до месец ноември 2015 година. Престојот ќе биде овозможен во рамките на 4 бањи на територијата на Република Македонија, и тоа во Катланово, во Дебар, во Гевгелија и во Бања Бањско. Пензионерите кои ќе се здобијат со право на користење на услугата оваа година ќе може да користат: 6 полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), бањска терапија, здравствен преглед и превоз.
За овој проект во Буџетот се веќе обезбедени и ќе бидат искористени 38 милиони денари.
Согласно усвоената Програма од Владата, најдоцна до крајот на месец јануари 2015 година, Министерот за труд и социјална политика треба да објави официјален оглас за проектот, на кој ќе може да аплицираат пензионерите кои се заинтересирани да ја користат оваа услуга.
Со објавувањето на самиот оглас ќе биде определен точниот број на пензионери кои ќе имаат можност да ја користат оваа бесплатна услуга, број кој не може да биде помал од 5000 корисници, и ќе бидат објавени документите за апликација, и критериумите за бодување за избор на пензионерите кои ќе ја користат оваа бесплатна услуга. Огласот по неговото објавување ќе трае еден месец, за од месец март 2015 веќе да се започне со реализација на проектот и првите групи на пензионери да одат на бањите.
Она што е карактеристично да се истакне за овој оглас, е дека во рамките на опфатот, покрај тоа што ќе бидат опфатени сите пензионери, своевиден приоритет ќе биде даден на пензионерите кои во текот на својот работен стаж работеле во рудници, и на пензионерите кои се корисници на инвалидска пензија со утврден повисок степен на општа неспособност за работа, но како што кажав на почетокот ќе бидат опфатени пензионери од сите категории.
Во овие 4 години откога се започна со реализација на овој проект 27 430 пензионери ја искористиле ова можност и имале бесплатен престој на бања, и овој проектот е позитивно оценет од страна на пензионерите.
Покрај тоа што на овој начин се обезбедува грижа за категоријата на население пензионери и стари лица и се влијае на подобрување на стандардот и квалитетот на живот на припадниците на оваа категорија граѓани, проектот истовремено има позитивни ефекти и за развој на бањско климатскиот туризам во Република Македонија. Средствата кои се искористуваат за оваа намена, за покривање на трошоците за овој проект, и кои државата ги исплатува кон бањите се средства кои претставуваат значително учество во вкупниот обрт на средства во бањите, и на тој начин се помага за обезбедување на работа за бањите, за нивната дејност, за задржување на постојните, но и за отворање на нови работни места.
Владата во идниот период, согласно ветувањата и Програмата за работа, ќе продолжи со реализација и на други проекти кои се од интерес за пензионерите и повозрасните лица.