Канческа-Милевска: Вевчани е престолнина на македонската гостопримливост
Вевчанскиот карневал е бренд на нашата држава, негувајќи ја традицијата и обичаите, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, денеска по пристигнувањето во Вевчани, каде го отвори годинашното карневалско издание.
Прогласувајќи го за отворен Вевчанскиот карневал, таа нагласи дека Вевчани е дел од нашата богата македонска изворна традиција.
- Велат дека на ниту едно место во Македонија, традицијата не се чува како семејна вредност како овде, на надалеку прочуениот Вевчански карневал, кој секоја година, со црвено вино на Василица, не обединува сите нас, сите добронамерници со карневалски дух од целиот свет. Вевчани е престолнина на македонската гостопримливост, Вевчани е дел од нашата богата македонска изворна традиција која сите ние љубоморно и грижливо ја негуваме и ја пренесуваме на секоја нова генерација, рече Канческа-Милевска.
Таа посочи дека Вевчанскиот карневал на светот му порачува оти македонскиот народ има обичаи и култура кои не изумираат.
- Затоа ќе посакам овој карневал да опстои уште многу години и да биде синоним на слободниот дух и гордоста на Вевчанци но, и на сите граѓани на Република Македонија. Уште многу години да го прославуваме Вевчанскиот карневал, да ја прославуваме нашата слободна мисла, креативност, нашата долговечна традиција, истакна министерката Канческа –Милевска.
Оваа неколкудневна манифестација која кулминацијата ја доживува токму денеска со свечено дефиле на маски претставува своевиден театар на отворено кој се одржува под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија.