Нови 5.500 пензионери годинава на бања
Од денеска до 16 февруари сите корисници на пензија ќе можат да поднесат барање за користење бесплатна бањско-климатска рекреација.
Услугата на бањско климатска рекреацијаможе да се користи еднаш во период од март до ноември 2015 година, во траење од седум дена и опфаќа шест полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), бањска терапија, задолжителен здравствен преглед и платени трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта.
За реализација на проектот за годинава се обезбедени средства во износ од 38.000.000 денари од Буџетот за бесплатна бањска рекреација на 5.500 корисници на пензија.
Од 2010 година, кога почна да се реализира овој проект, до 2014 година ова право го оствариле 27.430 корисници на пензија. Годишно аплицираат над 20.000 корисници на пензија.
- Во изминатите пет години, проектот „Бањско-климатска рекреација на корисници на пензија” ги надмина позитивните очекувања на прифатеност и искористеност. Во овој проект има низа позитивни аспекти, како на пример подобрување на здравјето на повозрасните лица и нивна рекреација и рехабилитација како и соодветна социјализација и квалитетно исполнето време, но исто така проектот придонесе и за развојот на бањскиот туризам во Република Македонија како и за значително подигнување на квалитетот на бањските капацитети”, рече на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Појасни дека при рангирањето на поднесените барања, приоритет ќе биде даден на пензионерите кои пред пензионирањето работеле во рудници со подземен ископ, и на пензионерите кои се корисници на инвалидска пензија со утврден повисок процент на инвалидност и пензионерите кои имаат пониска пензија.
Меѓуресорска Комисијата ќе го врши разгледувањето и рангирањето на секое поединечно барање по бодови, во распон од 1 до 100 бода и тоа до 50 бодови за висината на пензијата, од`1 до 15 бодови во зависност од времетраење на користење на пензијата, од 1 до 15 бодови за вкупниот пензиски стаж пред остварувањето на правото на пензија, 10 бода за корисници на пензија кој пензијата ја оствариле како работници во рудници во подземен ископ со стаж на осигурување со зголемено траење и 10 бодови за лице што користи паричен надоместок за помош и нега од друго лице или додаток за мобилност и слепило и додаток за глувост како и лица коишто имаат инвалидност над 80 проценти, појасни министерот за труд и социјална политика.
Лицата-корисници на пензија коио во изминатите неколку години од примената на проектот го искористиле ова право годинава нема да можат да аплицираат, со цел, како што рече Спасов, услугата да ја добијат што поголем број граѓани.
Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија Амет Даути истакна дека барањата можат да се поднесуваат до сите подрачни единици на оваа институција. Право да поднесат барање имаат сите корисници на старосна, семејна и инвалидска пензија, кои ова право го оствариле до декември 2014 година.
Појасни дека со истото барање граѓаните ќе можат да аплицираат и за бесплатен викенд, односно да означат дека аплицираат за двете услоги. Притоа ќе добијат право да користат само една, а приоритет, како што рече, ќе биде даден на бесплатниот викенд.
Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија Драги аргировски истакна дека овој проект наишол на широка поддршка кај пензионерите од повеќе причини. Некои од нив, рече, за прв пат преку овој проект отишле на бања. Сепак, најважно од се е тоа што тие на ваков начин се дружат, се социјализираат и што таму се создаваат пријателства кои се негуваат и натаму.