Велес вторпат ќе ја носи титулата „Град на културата“
Велес ќе биде Град на културата за 2015 година. Општината вторпат ја добива оваа титула која Министерството за култура ја доделува 12 години. На конкурсот за 2015 стигнале пријави и од Неготино и Струмица, а Велес бил едногласно избран од комисијата.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска на прес-конференција рече дека од Општина Велес примиле комплексна програма со над 200 настани и 67 манифестации од различни дејности, сите со точно одредени термини на одржување.
Рече дека за разлика од 2005 година - првиот пат кога беше Град на културата, Велес сега има инфраструктура и капацитет во кои ќе ги организира планираните содржини. Голем дел од настаните ќе се одржуваат во новаата зграда на Велешкиот театар, како и во обновените куќи на уметноста - куќите на Џинот, Главинов и на Касапови. Локации за настаните ќе бидат и отворениот амфитеатар, библиотеката и салата „Бели мугри“.
- Велес вторпат го добива приматот и го заслужува овој престижен статус. Сите инвестициски зафати што ги реализираше и Владата и Општината, ќе дадат огромна можност за реализација на голем број активности од програмата со која Велес конкурираше. Таа е целосно осмислена и конципирана, со крупни настани и точни термини, рече Канческа-Милевска.
Таа додаде дека Министерството ќе ја поддржува општината во реализација на настаните, а дека покрај нив ќе инвестира и во други проекти во Велес. До крајот на годинава, посочи Канческа-Милевска, ќе биде санирана Спомен-костурницата на борците од НОБ, ќе бидат обновени фасадите од староградска архитектура на пет станбени објекти во градот (лоцирани на улицата „Јован Алабаков“) и ќе има поддршка за репертоарот на Велешкиот театар и за традиционалните манифестации во градот.
Велешкиот градоначалник Славчо Чадиев рече дека за секој настан има одреден датум и термин, така што првиот ќе биде на 18 јануари - Ноќ спроти Водици во новиот театар, а последниот настан - концерт на 31 декември 2015 во пресрет на Новата година. Тој го претстави и логото за Град на културата под кое ќе се одржуваат сите настани во текот на годинава.
- Среќни и задоволни сме за изборот Велес да биде Град на културата во 2015. Секоја година конкурираме на повици и секогаш со издржани проекти. Тоа го потврдивме и овојпат. Имаме капацитет и планираме да правиме проекти во сите делови на градот. Затоа, велешките шимшир-порти се широко отворени за сите граѓани на Република Македонија. Ние сме подготвени, рече Чадиев.
Една третина од настаните ќе бидат интернационални, како што е фолклорниот фестивал на кој ќе гостува и Танец. Меѓу покрупните проекти, како што рече Чадиев, ќе бидат гостувањата на Македонската опера и балет и Македонската филхармпнија во Велешкиот театар.
Чадиев додаде дека во некои денови од годината ќе има и по два до три настани зашто покрај содржините од програмата „Град на културата“, културната понуда ќе биде проширена и со настани од традиционалните манифестации Топол културен бран, Рацинови средби, Фестивалот на античка драма Стоби и колонијата Папрадишки мајстори.