Министерството за култура додели 30 стипендии за стручно усовршување
Триесет апликации прифатило Министерството за култура на конкурсот за 2015 година за стручно усовршување на млади уметници во сите дејности од културата и за едукација на дефицитарен кадар на престижни универзитети во светот.
Конкурсот се објавува од 2008 година и до 2014-та се доделени вкупно 375 стипендии за кои Министерството годишно наменува по околу два милиона денари. Стипендиите се доделуваат за сите три циклуси на високо образование (додипломски, магистерски и докторски студии) и за специјализација. Годинашните стипендисти ќе се едуцираат на познати високообразовни институции во Париз, Лас Вегас, Бостон, Москва, Прага, Грац, Салцбург, Софија, Амстердам, Луцерн, Торино, Токио...
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска на прес-конференција рече дека пријавените кандидати се селектираат според прецизни критериуми.
- Особено се вреднува дефицитарноста на уметничката дисциплина односно се обезбедува поддршка за студии кои не се застапени во нашите образовни институции, поддршка за усовршувања кај еминентни професори и уметници, поддршка за стручна наобразба на дефицитарните кадри кои вршат непосредна заштита на културното наследство, како и стручно усовршување во странство на кадри за менаџмент и маркетинг во културата и примена на новите технологии, рече Канческа-Милевска.
Таа нагласи дека голем дел од стипендистите по завршувањето на едукацијата се враќаат Македонија и стекнатите искуства ги применуваат како вработени во установите од областа на културата. На тој начин, рече министерката за култура, тие придонесуват во развојот и унапредувањето на културата во Република Македонија.
- Некогашни стипендисти, денеска се реномирани уметници на македонската културна сцена, балетски и оперски уметници во МОБ, музичари во националниот симфониски оркестар, режисери и актери во националните театри, професори на факултетите, куратори во музеите, уметнички селектори, како и директори на некои од националните установи, додаде Канческа-Милевска, која ги повика сите уметници да го следат конкурсот што го објавува Министерството за култура, да аплицираат и да ја искористат можноста за професионална наобразба во странство.
На прес-конференцијата беа и дел од годинашните стипендисти: Миле Велчовски, вработен во Националниот конзерваторски центар, доби стипендија за докторски студии од областа на заштитата на споменици од културата на Институтот за историја на уметноста со археологија при УКИМ.
Јасмина Магазлиева ќе се едуцира на постдипломски студии на Катедрата за културен менаџмент и културни политики на Универзитетот за уметности во Белград, а Анета Петровска е стипендирана за магистерски студии на Сорбона во Париз од областа на историја на уметноста. Тие се задоволни од добиената поддршка и истакнаа дека наученото ќе го практикуваат во натамошната кариера.