Клиниката „Св. Наум Охридски“ доби современ апарат за крвни анализи
Во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје денеска е предаден во употреба нов современ апарат за лабораториски анализи со капацитет од 400 анализи за час.
На промоцијата на новата опрема присуствуваше премиерот Никола Груевски, придружуван од министерот за здравство Никола Тодоров. Тој изјави дека новиот апарат е дел од една поголема набавка на 11 вакви апарати за исто толку болници или клиники, извршена според моделот тендерска набавка на реагенси со бесплатно добивање на апаратот, пти што и одржувањето на апаратот е на товар на набавувачот на реагенсите.
- Се работи за апарат производство на една од попознатите компании во светот за изработка на вакви апарати. Апаратот има силен капацитет, вади 400 анализи во еден час. Тоа е сосема доволно за оваа клиничка болница. Планот е во наредните две недели да се објави јавен повик за набавка на уште реагенси за уште 56 јавни здравствени установи, болници и клиники, така што и тие заедно со реагенсите ќе добијат бесплатни апарати. Практично сите јавни здравствени установи во Македонија коишто имаат потреба од лаборатории за крвни анализи ќе добијат ваков апарат и тоа ќе биде по цени коишто се многу, многу подобри од минатото, а сепак станува збор за врвни компании за изработка на вакви апарати, рече премиерот Груевски.
Ако за две недели се распише тендерот, додаде тој, до месец април, мај, би требало сите апарти за крви анализи да се пристигнати, ставени во функција и сите јавни здравствени установи да имаат нови апарати и доволно реагенси за секој од нив.
- Станува збор за еден многу добар модел којшто првпат го применуваме и којшто заштедува многу пари во буџетот, го задржува квалитетот ист или подобар зависно дали се набавува од добра компанија во случајот една од најдобрите во светот, рече премиерот.
За околу две недели, најави тој, Министерството за здравство треба да биде објавен и јавен повик за набавка на дополнителна медицинска опрема за оваа болница - четири ендоскопски столови, два кревета коишто се потребни за пациенти со изгореници и еден мамограф.