Нова градинка во Општина Кисела Вода
Нова детска градинка е пуштена денеска во употреба во населбата Припор во Општина Кисела Вода. Објектот именуван „Стапалче“ е клон во рамки на Детската градинка „8 март“ и има капацитет за згрижување на 75 деца.
На отворањето на градинката присуствуваше министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој истакна дека станува збор за заедничка инвестиција на Министерството кое ја обезбеди опремата и на Општина Кисела Вода, која издвои средства за реконструкција, адаптација и доградба на објектот во висина од 12 милиони денари.
- Како Министерство продолжуваме и понатаму да го следиме планот за проектот на Владата за изградба на најмалку 40 објекти во државата во четиригодишен период со 10 градинки годишно. Планот за 2014 е постигнат и надминат за неколку објекти и со ист интензитет продолжуваме и во наредниот период со инвестиции во руралните општини, но и со инвестиции во Скопје каде е најголемата потреба, рече Спасов.
Тој потсети дека лани се отворени нови објекти во Гази Баба и Ѓорче Петров и најави дека се планира изградба на нови објекти за детски градинки и во општините Бутел и Аеродром. Особено е битно, нагласи, што се зголемува интересот кај приватните инвеститори за изградба на нови приватни градинки, какви досега се отворени вкупно 16, најголемиот дел во Скопје.
- Со измените на законите кои што ги направивме и со низата поволности кои што ги дадовме за приватните компании да ги поттикнеме да инвестираат во изградба на детски градинки со Министерството за транспорт и врски ќе спроведеме уште една активност во насока на измена на законските акти за обезбедување соодветни парцели по поволни услови да се дадат на заинтересирани инвеститори кои би инвестирале во овој дел, рече Спасов.
Градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ изрази задоволство од отворањето на новата детска градинка која е прва во населбата Припор, а која е дел од изборните ветувања. Просторот е обезбеден со реконструкција и преадаптирање на две простории од ПОУ „Круме Кепески“ и со доградба, а опремен е според сите модерни стандарди.
- Капацитетот на градинката е за 75 деца, а во моментов имаме 65 апликации. Има две занимални, повеќенаменска работилница и јасли, што значи градинката има можност да згрижува и деца од најмала возраст, а тоа е од девет месеци и нагоре. Предвидено е напраол во дворот на градинката да направиме уште една летна занимална каде децата и во топлите денови ќе имаат простор за активности, рече Беличанец-Алексиќ.
На крајот од минатата година во Општина Кисела Вода беше отворена градинка во наслебата Црниче, а локалната самоуправа предвидува изградба на уште две градинки.