Уште два дена за аплицирање на огласот за следење и анализа на владината програма
Сто и седумдесет кандидати досега се пријавиле на огласот на Владата за ангажирње лица за следење, анализа и поддршка на реализацијата на програмата и проектите. Се бара квалитетен кадар кој ќе придонесе кон уште поинтензивна реализација на програмата, а пријавувањето на огластот заинтересираните може да го направат уште денеска и утре.
- Пријавите од апликантите ќе се примаат и денеска и утре до 24 часот. Досега имаме пријавено околу 170 кандидати, и ги охрабруваме сите лица кои имаат спсобности и квалитет да аплицираат и да се стекнат со можноста да бидат избрани, вели портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.
Додаде дека целта не е масовноста, туку квалитетот на кандидатите и нивната способност. - Потребен ни е квалитетен кадар кој што со своите вештини и знаења ќе придонесе кон уште поинтензивна реализација на програмата. Единствен критериум врз основа на кој што ќе се селектираат кандидатите ќе бидат нивните знаења, квалитети и вештини.
Владата на Република Македонија огласот за пројавување интерес за кандидати за ангажирање во Кабинетот на Премиерот, кои би работеле на следење и анализа на реализација на владината програма и поддршка на институциите во спроведувањето на проектите го објави на 9-ти овој месец и трае до 21 јануари 2015 година.
Основни параметри за изборот би биле знаењето и вештините на кандидатите. Потребен е профил на кадар од типот на проект менаџер, односно лица кои имале искуство со работа на проекти, кои имаат познавање на менаџментот и принципите на менаџментот, ја познаваат владината програма и имаат пошироки познавања за ресорите со што би се обезбедил посеопфатен пристап во реализацијата на проектите.
Заинтересираните кандидати треба да се државјани на Република Македонија, да имаат завршено високо образование од областа на економските, правните, техничките, природните науки или завршени академски студии со најмалку 240 ЕКТС, односно најмалку VI Б ниво согласно Националната рамка на високообразовните квалификации, да имаат одлични компјутерски вештини и одлично познавање на англискиот јазик, кaко и да имаат минимум три години работно искуство од областа на управување со проекти.
Потенцијалните кандидати може да аплицираат со пополнување електронската апликација, која може да се најде на веб страницата на Владата на Република Македонија. Сите пријавени кандидати, како што е наведено во огласот, имаат еднакви шанси да бидат примени согласно нивните способности, образование, искуство и личен капацитет, без разлика на полова, верска, партиска и национална припадност, имотна состојба и други лични околности.
Може да конкурираат за позициите на одговорни лица за следење и анализа на реализација на проектите каде што ќе бидат ангажирани повеќе лица чиј што точен број ќе се утврди врз основа на квалитетот и компетенциите на пријавените кандидати, како и за позицијата административен асистент каде што ќе биде ангажирано едно лице.
Дел од работните задачи на одговорните лица за следење и анализа на реализација на проекти ќе бидат и следење на степенот за реализација на програмата, квантитативна и квалитативна анализа на степенот на реализација, давање предлози и препораки за динамизирање на реализацијата, како и соработка, поддршка и препораки на институциите за надминување на препреките при имплементација на проектите.