Средба Никола Груевски - Хашим Тачи
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денес (четврток, 22.01.2015 година) оствари средба со г-дин Хашим Тачи, потпретседател на Владата на Република Косово и министер за надворешни работи.
Соговорниците разговараа за реформите кои се спроведуваат во двете земји, европските и евро-атлантски интеграции и можностите за понатамошно унапредување на односите во сферите од взаемен интерес.
Двете страни ја истакнаа својата стратешка определба за членство во Европската Унија и НАТО, потенцирајќи дека тој пристап е најдоброто средство за обезбедување на понатамошен напредок на регионот.
Стана збор и за подготовките за одржување на заедничка владина седница помеѓу двете земји, на која би се разговарало и за конкретни проекти за унапредување на соработката.
Се разговараше и за реализацијата на инфраструктурни проекти од регионален контекст, со чија што реализација ќе се унапредат условите за засилување на трговската размена и ќе се има позитивно влијание за економскиот раст и отворањето нови работни места.
Акцент беше ставен на можностите за продлабочување на економските односи за што постои сериозен потенцијал. Во оваа функција по средбата беше потпишан Договор за заемно поттикнување и заштита на инвестициите, кој во име на нашата земја го потпиша г-дин Зоран Ставрески, заменик претседател на Владата и министер за финансии.
Со потпишувањето на овој договор се воспоставува правна рамка која на инвеститорите им ја гарантира сопственоста и правата кои произлегуваат од сопственоста. Постоењето на ваков договор е еден од најважните предуслови за стимулирање на деловните иницијативи и привлекување на инвеститори меѓу двете држави, со што би се придонело во претстојниот период да се зголеми бројот на деловни односи и инвестиции помеѓу субјектите од двете земји.