Обуки на администрацијата за подготовка и примена на законите
Педесет државни службеници од различни институции преку обуки ги унапредуваа знаењата и вештините во подготовка и спроведување закони и прописи, како дел од проектот „Подготовка на прописи - циклус обуки за администрацијата“.
Во тек на осуммесечниот проект, што заврши денеска, беа спроведени обуки за 10 обучувачи, како и почетна и напредна обука за по 20 државни службеници со помало и поголемо искуство. Подготвена е и сеопфатна наставна програма за изготвување прописи и е спроведен курс за електронско учење.
Обучувачите беа избрани на јавен оглас од редовите на државната администрација и по стекнување на потребните знаења ги обучуваа другите административци.
- Преку обуката на обучувачи создадовме група од високо професионални, компетентни и мотивирани тренери кои ќе ги обучуваат своите колеги за прашања поврзани со изготвување на законите во земјата, рече на свеченоста министерот за информатичко општество и амдинистрација Иво Ивановски.
Курсот за електронско односно далечинско учење, појасни, овозможува голема електронска база со податоци на релевантни програми и материјали и корисни линкови. Нуди можност за online интеракција, како форуми за дискусија, квизови, самооценување... Се планира надградба и проширување на курсот со цел да биде достапен за државните службеници.
Според Ивановски, клучната цел на проектот за подготовка на прописите е зајакнување на капацитетот и експертизата на државната администрација за ефикасен и транспарентен процес во изготвување и имплементирање на законите и натамошно унапредување на владеењето на правото и на приближувањето на националното со законодавството на ЕУ.
Лиза Тилни, шеф на Одделот за владеење на правото при мисијата на ОБСЕ во Скопје најави дека планираат наставната програма за подготовка на прописи да биде вклулчена во редовната и општа програма за обука на јавната администрација.
- Сите треба да бидеме свесни дека регулаторната политика и подготовката на прописите претставуваат мошне амбициозна цел која бара сеопфатен пристап. ОБСЕ ќе продолжи со своите заложби за поддршка на обуката, како и на останатиоте реформски активности на Владата за кои очекуваме да обезбедат одржливо и систематско подобрување на законодавниот процес и унапредување на квалитетот на законодавството и секако владеењето на правото во државата, рече Тилни.
Таа и министерот Ивановски на учесниците во обуките им доделија сертификати.