Ѓорѓиев: Задолжителни психолошки и психијатриски прегледи за носење службено оружје
Преку законски измени Владата ќе го унапредува системот за превенција од насилство, во делот на постапување со службено оружје од страна на службени лица. Доколку за одредено лице е констатирано или има започнато постапка за кривично дело или прекршок со елементи на насилство оружјето со кое располага во рамки на службата привремено да му биде одземено и времено да се распореди на работно место за кое не е предвидено ракување со оружје.
Како што информира на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев со измените, кои ги усвоила Владата на последната седница, се воедначува постапувањето на сите институции каде има службени лица кои во рамките на своето постапување во вршење на делокругот на своите работни задачи имаат допир односно ракуваат со службено оружје, што, како што рече, создава можност и механизам за рано дејствување и рана детекција на вакви случаи и создава систем со кој ќе се превенираат случаите на семејно насилство.
- МВР, односно полицијата, како и Центрите за социјална работа ќе бидат должни во рок не подолг од 24 часа од моментот на констатирање или започнување официјална постапка во која едно службено лице е осомничено дека сторило кривично дело или прекршок со елементи на насилство да ги известат надлежните во институциите каде тоа лице работи. Надлежните во институциите, пак, се должни да побараат раздолжување на муниција и оружје од страна на службените лица кои ракуваат со тоа оружје како привремена мерка се до натамошните процесни дејства, појасни Ѓорѓиев.
Додаде дека по одземањето на оружјето и муницијата лицето кое се сомничи дека сторило кривично дело или пак прекршок со елементи на насилство треба да биде упатено на вонреден психијатриски и психолошки преглед каде стручни лица, лекари треба да дадат свое мислење дали лицето во натамошнниот период може да има пристап и да ракува со оружје.
- Како последен чекор во оваа мини процедура старешината на лицето кое се сомничи за вакво дело е должен привремено да го прераспореди на работно место за вршење задачи каде нема допир со оружје или потреба за ракување со оружје, истакна владиниот портпарол.
Информира дека дополнително е внесена и процесна претпоставка во Законот за здравје и безбедност при работа, а се однесува на лица кои ракуваат со службено оружје, кои покрај редовниот систематски физички преглед ќе треба да одат и на психолошки и психијатриски прегледи на кои стручните лица ќе треба да им дадат оценка и мислење дали може да ракуваат со оружје.
- На овој начин, покрај тоа што се воспоставува координиран систем каде сите институции имаат процедури кои треба да ги почитуваат и да постапуваат по нив, се овозможуваат значајни услови, можности и права за институциите да може рано да реагираат, да дејствуваат, да преземат привремени мерки со што ќе го сведат на минимум можното постоење на кривично или прекршочно дело кое во иднина би можело да биде сторено од лицето кое во тој момент е осомничено за прекршок со елементи на насилство или за кривично дело со елементи на насилство, рече потрпаролот на Владата.
Законските измени се испратени во собраниска процедура.