Груевски: Вакви уцени не прифаќам, не сме Македончиња, туку Македонци
Се прави сериозна штета за државата, креирано сценарио на кое сите сте сведоци од почеток, во кое на крај цела држава требаше да биде заложник, оцени претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски денеска по кривичните пријави за осомничени четири лица за „шпионажа“ и „насилство спрема претставници на највисоките државни органи“, меѓу кои е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
- Можеби многумина ќе речат дека не требаше да ја направиме оваа постапка, посебно затоа што, овој човек е најпосакуваниот можен политички противник, и партиски гледано најмногу ни одговара тој да продолжи како што си почнал. Но, има некои работи кои ниту еден совесен и одговорен човек и политичар не смее и не може да ги игнорира. Таква работа е интересот на државата, истакна премиерот Груевски.
Ве повикувам, рече во обраќањето до граѓаните Груевски, да се запрашате што би направиле на мое место?
Во цели 24 години независност на Република Македонија, подвлече тој, вакво нешто ниту еден политичар, ниту најконтроверзниот, не направиле.
- Закани и уцени и вакви местенки не прифаќам и не проаѓаат и на сите инволвирани јавно им порачувам дека ние не сме Македончиња, туку Македонци, порача претседателот на Владата на Република Македонија.
Премиерот Никола Груевски потенцира дека ова е голема штета за државата по нејзиниот углед и имиџ.
- Штета што тој посегна по ваков подмолен начин, наместо со идеи и визија и програма, рече Груевски.