Тодоров: Времето на чекање на листите за операција во Битолската болница намалено за три месеци
Министерот за здравство Никола Тодоров на денешната прес-конференција во Битола соопшти дека е решен проблемот на одделот за анестезиологија во битолската Клиничка болница и оти е намалено времето за чекање за оперативен зафат за три месеци.
Тодоров и стручните соработници веќе изработиле нова оперативна програма за што директно по телефон ќе ги известат сите пациенти кои за операција биле планирани до месец јуни дека сите оперативни зафати ќе бидат завршени заклучно со месец февруари низ соодветна динамика и редослед.
- Го намаливме времето за чекање на листите за операции за три месеци, односно сите што биле предвидени за месец јуни интервенцијата ќе заврши заклучно со месец февруари. За три месеци се намалуваат листите за чекање во одделенијата за општа хирургија, ортопедија, а за два месеци се намалува листата на чекање во одделението за гинекологија. Во функција ќе бидат минимум три максимум четири операциски сали во текот на денот, наспроти досегашната една, а максимум две оперативни сали, истакна министерот Тодоров.
Проблемот е решен со внатрешни ресурси на Клиничка болница-Битола потврди министерот Тодоров кој воедно ја прифати вчерашната оставка на Блашко Гочев, помошник на директорот на Клиничка болница-Битола.
На денешната средба со новинарите во Клиничка болница-Битола министерот Тодоров истакна дека во Министерството за здравство се разгледуваат можностите за решавање на проблемите со недостиг на стручни кадри како резултат на природен одлив, пензионирање.
-Овој проблем е резултат на лошата политика што се водела порано, односно не се размислувало за едукација на кадри. Ние објавивме оглас да се пријават лица кои веќе специјализирале за да вработиме готови кадри кои се подготвени веднаш да почнат да даваат здравствени услуги, но исто така ја разгледуваме можноста Клиничката болница во Битола да биде дел од установите во кои ќе се извршуваат специјализации, посочи Тодоров.
Министерот за здравство, кој продолжува со мониторингот на Клиничка болница-Битола денеска најави дека сериозно ќе ги разгледа информациите во врска со службениот ангажман на одредени доктори во оваа јавна здравствена установа кои истовремено поседуваат и работат во свои приватни амбуланти.