Попоски: Енергијата да се пренасочи кон ЕУ-интергацијата
Во овој момент е многу значајно да ја искористиме целата енергија во ЕУ-интеграцијата, да покажеме сериозност и да бидеме над дневните препреки, изјави шефот на дипломатијата Никола Попоски запрашан како актуелната политичка ситуација се одразува врз претстојната посета на еврокомесарот Јоханес Хан, ХЛАД-от и воопшто интеграцијата во ЕУ.
- ЕУ-интеграцијата е најважна цел на Македонија околу која треба сите да бидеме сплотени. За Македонија ќе биде многу корисно да потроши што е можно повеќе енергија за ХЛАД и де факто почнување на преговорите затоа што нивниот недостаток не ја помага агендата на Македонија за интегрирање, ниту планот на Европа за регионот, рече Попоски пред почетокот на координативниот состанок на ниво на политички директори на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ) што се одржува во Скопје по повод македонското претседавање.
Генералниот секретар на ЦЕИ Џовани Карачово кој заедно со Попоски копретседава со состанокот, на новинарско прашање истакна дека ЦЕИ не коментира различни настани во државите, но додаде дека сите мора да се придвижиме кон постигнување на заеднички вредности и принципи што е важно за конективноста и кооперативноста кои се цели на ЦЕИ.
- Целта на ЦЕИ е да им помогне на оние земји кои не се интегрирани во ЕУ да го продолжат својот пат, истакна Карачово и подвлече дека приоритети на оваа иницијатива се поврзувањето и инфраструктурата.
Министерот Попоски ги изнесе трите приоритети на македонското претседавање со ЦЕИ, а тоа се динамизирање на ЕУ-агендата на регионот, унапредување на инфраструктурата со помош на ЕБРД и други финансиски институции особено за Коридорот 8 и бизнис-компонентата која ја истакнува важноста на приватниот сектор и стопанските комори за зголемување на трговијата и инвестициите во земјите-членки на ЦЕИ.