Јолевски на средби со заменикот генерален секретар на ОН, Ладсу и со генералот Петреус
Развојот на АРМ и учеството во мировните операции на ОН, НАТО и Европската унија како поддршка за етаблирање на глобалниот мир и безбедност, беа дел од темите на кои вчера во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, разговараа министерот за одбрана Зоран Јолевски и заменикот генерален секретар на Обединетите нации за мировни операции, Харве Ладсу.
На средбата, информираат од Министерството за одбрана, Јолевски и Ладсу разговараа и за општата безбедносна состојба во регионот на Југоисточна Европа и пошироко.
- Република Македонија е одговорен член на меѓународната заедница и активен учесник во напорите на светската организација за воспоставување на глобален мир, безбедност и просперитет. Ние остануваме со нашето присуство во мировната мисија УНИФИЛ во Либан, а во иднина ќе ги разгледаме можностите и за учество во други мисии предводени од Обединетите нации, согласно потребите, но и нашите капацитети, истакна министерот Јолевски.
Во контекст на степенот на развој на вооружените сили, министерот Јолевски посочи дека Македонија и нејзината Армија работат согласно највисоките стандарди, особено имајќи го предвид фактот дека и НАТО ја има потврдено подготвеноста на земјата за станување нејзин полноправен член. Наши стратегиски цели во однос на надворешната политика, посочи министерот, се членството во НАТО и во Европската унија.
На средбата со генералот Дејвид Петреус, еден од најпознатите современи воени лидери и поранешен командант на силите ИСАФ во Авганистан, Јолевски истакна дека Македонија продолжува да биде дел од меѓународните мисии за поддршка на мирот.
- Армијата на Република Македонија учествува во новата мисија на Алијансата во Авганистан, Одлучна поддршка, и со тоа покажува дека е посветена на етаблирањето на современите вредности во оваа земја. Со нашето учество во мировни мисии, покажаните капацитети и континуираните развојни процеси во областа на одбраната Република Македонија останува да биде подготвена за полноправно членство во НАТО, нагласи Јолевски и ги презентираше аргументите зошто Македонија треба да го добие заслуженото место НАТО.
Тој посочи дека Владата напорно работи на унапредување на економијата, здравството и образованието, кои се клучни сфери за развојот на државата.
- Имајќи предвид дека иднината и припаѓа на новите генерации, за Министерството за одбрана и АРМ, развојот на Воената академија е еден од основните приоритети. Нашата намера е од идниот пролетен семестар на Воената академија, половина од курсевите за трета и четврта година да бидат на англиски јазик со што ќе ја отвориме и можноста за размена на студенти и ќе ја зголемиме интероперабилноста на припадниците на АРМ, прецизира Јолевски.
Соговорниците разменија и мислења за актуелните геополитички безбедносни состојби во разни делови на светот.
Генералот Петреус се заблагодари за долгогодишното учество на Македонија во мировните мисии и посочи дека припадниците на АРМ се вешти професионалци со високо развиени воени способности, факт кој им е добро познат на сите земјите-членки на Алијансата.
Во рамки на посетата на САД, денеска доцна попладне Јолевски ќе оствари средби со повеќе сенатори и конгресмени во Вашингтон.