Над 3.000 лица ќе бидат вработени на неопределено време
Во Република Македонија со децении постои еден предизвик кој е поврзан со работниот ангажман на лицата кои од страна на државните институции и органи во разна форма се ангажирани на определено работно време, и тоа преку разен вид на договори, или генерално се работи за онаа категорија работници која популарно се нарекува со терминот волонтери, кои подолг период работат во институциите но немаат засновано редовен работен однос, туку работат на определено време или пак се ангажирани со договори за дело, авторски договори или друг вид договори, но не со договори на неопределено време односно не се трајно ангажирани.
Оваа наследена ситуација создаваше чувство на постојана неизвесност кај овие лица, кои иако извршуваат значајни и одговорни работи, постојано го чувствуваа притисокот од неизвесноста.
Како одговорна Влада и свесни за овој предизвик, по направени поопсежни анализи, изнајдовме решение на овој предизвик, решение со кој овој предизвик е надминат и ќе биде решен.
Денеска сакаме да информираме дека Владата на Република Македонија го усвои предлог законот за трансформација во редовен работен однос, со кој што закон се решава еден огромен предизвик кој го имаше една огромна, слободно можам да кажам неколку илјадна популација на граѓани и индиректно и предизвик за нивните семејства.
Со Законот за трансформација во редовен работен однос се обезбедува решавање на статусот на неколку илјади лица кои се ангажирани по основ на волонтерски договори, договори за дело, авторски договори или друг вид на договор во органите на државната власт, установите од областа на културата, образованието, здравството, детската и социјалната заштита основани од Република Македонија и единиците на локална самоуправа, како и јавните претпријатија, заводите, фондовите и други правни лица чиј основач е Република Македонија.
Владата одлучи овие лица кои подолго време извршуваат значајни работи во институциите во кои се ангажирани да го остварат правото на редовен работен однос. На ваков начин едновремено се зголемува нивната одговорност во извршувањето на работните обврски и задачи, а од друга страна се обезбедува и адекватно социјално осигурување (пензиско и здравствено) на овие лица и остварување на сите права од редовен работен однос, што се разбира ќе влијае позитивно и на продуктивноста, ефикасноста и ефективноста на трудот.
Со законот се предвидува сите лица кои биле ангажирани во работен однос кој не бил од траен карактер, односно не биле редовно вработени, а биле ангажирани во таков работен однос најмалку 3 месеци и тоа заклучно со 30.11.2014 година а и во моментов се активно ангажирани на работа во институциите, да можат да го остварат правото за засновање на редовен работен однос, односно работен однос на неопределено време.
Имплементацијата на овој закон ќе започне веднаш по изгласувањето на законот во Собранието и неговото стапување во сила. Со денот на стапување на сила на овој закон, институциите се должни во рок од 30 дена да склучат договори за редовен работен однос со ангажираните лица.
Поради фискалниот ефект, стапувањето на сила на договорите за вработување и воведувањето на лицата во редовен работен однос е предвидено да се реализира во три групи, односно етапно во три периоди и тоа:
- веднаш ќе бидат воведени во редовен работен однос 35% од ангажираните лица,
- следните 35% од ангажираните лица ќе бидат воведени во редовен работен однос од 01. 12. 2015 година и
- останатиот број на ангажирани лица ќе бидат воведни во редовен работен однос од 01. 09. 2016година.
Битно да се истакне дека во периодот до стапување на сила на договорите за редовен работен однос лицата нема да останат без приходи, односно истите и понатаму ке бидат ангажирани во институцијата на начинот на кој и во моментот се ангажирани односно со волонтерски договор, договор на дело, авторски или друг договор и ќе добиваат паричен надоместок по основ на тие видови договори.
Значи нема да има прекин во нивниот работен однос и прекин на платата, туку ќе работат и ќе земаат плата, а ќе бидат воведени во редовен работен однос согласно периодите кои претходно ги истакнав, односно дел веднаш, дел во декември оваа година, и дел во септември 2016 година.
Приоритет во однос на динамиката за стапувањето на сила на договорите за редовен работен однос ќе имаат лицата кои се ангажирани во институцијата најдолг временски период, односно оние кои најдолго се ангажирани ќе бидат најпрво воведени во редовен работен однос, односно први ќе бидат редовно вработени.
Процедурата за реализација на оваа трансформација во редовен работен однос е едноставна односно раководителите на институциите треба да се обратат со барање до Министерството за финансии за согласност и да ги приложат договорите за ангажирање и доказ за извршени исплати кон овие лица.
Со овој закон се придонесува за подобрување на општествената положба на илјадници граѓани. Се обезбедува редовен работен однос за илјадници лица кои досега иако биле ангажирани и работеле во институциите го немале решено ова прашање, односно немале решение за редовен работен однос. Сега со решавањето на овој предизвик, покрај тоа што ќе се зголеми нивната мотивираност, нивните ефикасност и ефективност, продуктивноста на трудот, ќе се обезбеди и нивната социјална сигурност и квалитетот на нивниот живот. Како одговорна влада и влада која е посветена на своите граѓани сметаме дека овој закон е базиран на принципите на социјалната но и на општата правичност и тој е валоризација на еден долгогодишен ангажман, на вложување и на вградувањето на овие лица во процесите кои обезбедуваат корист за сите граѓани во школите, здравствените установи, културните установи, јавните и комунални дејности и во сите други институции и претпријатија кои работат за граѓаните.
Владата и во идниот период ќе продолжи со реализација на мерки и активности кои значат овозможување на поголеми права и повеќе можности и услови за сите граѓани на Република Македонија.