Нови 40 наслови на аудио книги за слепи лица
Нови 40 наслови на аудио книги наменети за слепи и лица со оштетен вид беа промовирани денеска во во рамки на проектот „400 аудио книги за лица со оштетен вид“. Новите аудио книги се лектирни изданија, односно лектири од основното и средното образование.
- Слепите и слабовидните лица и деца ги имаат истите потреби како и лицата кои гледаат, ги поседуваат истите вештини и можат да дадат многу во сите текови на општествениот живот. Како ресорен министер, не само што чувствувам должност, туку ми е чест да ги подржувам во сите нивни настојувања. Со Националниот сојуз имаме интензивна комуникација и соработка која вродува со бројни иницијативи и проекти, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на промоцијата на аудио книгите.
Овој проект, додаде, беше инициран од големата потреба за оформување фонд за аудио книги.
- Се предвидува снимање аудио книги секоја година, од различен жанр како белетристика, детски лектири, стручна литература којa ќе послужи за едукација во училиштата, но и надвор од нив. Морам да споменам дека истите се изработувани по највисоки стандарди во читањето и изговорот, а изборот на литературата е правен во консултации со Националниот сојуз на слепи лица и Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов”, рече Спасов.
Истакна дека досега на располагање се ставени 40 наслови на аудио записи во септември минатата година кои Македонското радио-Радио Скопје ги отстапи за потребите на слепите лица. - Со овие нови 40 наслови или вкупно 80 во изминативе шест месеци дополнително го зголемуваме фондот на аудио книги, рече министерот.
До крајот на март ќе бидат снимени уште 60 книги, а во март ќе биде распишана јавна набавка за снимање на уште 200 книги.
Спасов информираше дека промовираните наслови ќе бидат достапни во НУБ „Св.Климент Охридски“ во Скопје, во Одделението за слепи и слабовидни лица. Аудио книгите ќе бидат достапни и во државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид, и во Националниот сојуз на слепи лица.
Претседател на Сојузот на слепи лица Жарко Селковски изразувајќи благодарност до МТСП и Владата истакна дека тие имаат огромно разбирање за потребите на слепите и слабовидни лица и додаде дека овој проект за аудио книги е од особено значење за слепите кои, како што рече, литературно ќе можат да се надградуваат и да се образуваат на македонски јазик. Верувам, додаде Селковски, дека планираните 400 книги кои треба се објават годинава ќе бидат достапни за сите членови без разлика каде се наоѓаат.
Директорот на училиштето „Димитар Влахов“ Горанчо Јакимов појасни дека денеска промовираните аудио книги се лектирни изданија кои се наменети за учениците. - Опфатени се лектири од основното и средното образование, така што на одреден начин се руши уште една бариера која ја имаа учениците со оштетен вид. Од денеска нашата училишна библиотека се збогатува и овие изданија ќе им бидат достапни на сите наши ученици, рече Јакимов.