Македонија и Бугарија ја унапредуваат соработката во здравството
Во претстојниот период да се потпише План за унапредување на соработка меѓу министерствата за здравство на Република Македонија и на Република Бугарија, со посебен фокус на едукации, стручно усовршување и специјализации на македонските доктори.
Ова денеска на средба во Софија, го договорија министрите за здравство на Република Македонија и на Република Бугарија, Никола Тодоров и Петар Стефанов Москов.
Планот, соопшти Министерството за здравство, ќе содржи и други облици на соработка, како што се: соработка во областа на здравствениот менаџмент, изработка на протоколи, упатства, водичи и стандарди, програми за превенција, како и размена на искуства во областите на јавното здравје и медицинските науки.
Со овој План, како што се наведува, ќе се зајакне соработката со Медицинскиот факултет при Медицински Универзитет во Софија, кој е реномиран научно-истражувачки центар во областа на медицината, а воедно и најстара високообразовна установа во оваа област, формирана во 1917 година.
Во рамки на денешната работна посета на Софија, министерот Тодоров се сретна и со деканот на оваа високообразовна установа, проф. д-р Марин Маринов.
На средбата беа разгледани можностите за специјализација и обуки за стручно доусовршување на македонските доктори. Воедно, предвидено е до крајот на овој месец повеќе професори од катедрата по неонатологија да дојдат во Македонија, со цел размена на искуства со македонските колеги во оваа област, стои во соопштението.