Над 15.000 пензионери досега се пријавиле за бесплатен викенд и бања
Рокот за пријавување за бесплатен туристички викенд и климатско-бањска рекреација истекува в понеделник. Интересот за користењето на овие услоги е голем. Досега имаат аплицирано 15.260 пензионери, информира денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на аудио-книги за слепи лица.
Ова, рече Спасов, е навистина сериозна бројка и голем интерес за искористување на поволностите од овие два проекти коишто ќе започнат со реализација во март-април оваа година.
- Уште еднаш би сакал да ги повикам сите корисници на пензија да ја искористат оваа можност до 16 февруари да аплицираат во Фондот на пензиско и инвалидско осигурување, со цел да можеме да ги земеме предвид при правењето на ранг-листите и изборот на оние пензионери коишто ќе имаат можност да ги користат овие бесплатни услуги, рече Спасов.
Услугите „Бањско климатска рекреација на корисници на пензија за 2015 година” и „Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија за 2015 година” може да ја користат лица корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија остварена според прописите на Република Македонија и прописите на други држави со коишто Република Македонија има склучено договор за социјално осигурување. Лицата корисници на пензија коишто користат и паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност или слепило имаат право на придружник за време на бањско климатската рекреација и бесплатниот туристички викенд.
При рангирањето на поднесените барања, приоритет ќе биде даден на пензионерите кои пред пензионирањето работеле во рудници со подземен ископ, и на пензионерите кои се корисници на инвалидска пензија со утврден повисок процент на инвалидност.