Оглас за раководни лица во Министерството за земјоделство
Владата преку оглас бара нови раководни лица за четири сегменти во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Пријавените ќе имаат еднакви шанси, а ќе бидат ангажирани најспособните и најсоодветните кои ќе придонесат за понатамошен развој.
Според огласот се бараат раководни позиции за сегментите регистрирање, управување, унапредување и продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост, за лозарство, винарство и овоштарство, за консолидација на земјоделско земјиште, размена и идентификација на земјишни парцели и раководно лице во Телото за управување со средства од петтата компоненета ИПА (ИПАРД).
- Ова се многу битни позиции во областа на реализација на земјоделската политика. Станува збор за раководни лица кои имаат делокруг на работни задачи околу земјишната политика која е столб на секое земјоделство, на стратешките земјоделски култури, како што се виното, овошјето и зеленчукот од кои се обезбедува значаен девизен прилив, и се разбира околу мерките и активностите од програмата за рурален развој каде што се алоцираат огромни средства и користењето на европските средства за поддршка на земјоделството, изјави за МИА владиниот портпарол.
Тој додаде дека кадрите кои би раководеле со овие сфери, со својот капацитет и знаење и со својата работа би имале една од круцијалните улоги во понатамошниот развој на овој сектор на кој, како што рече, Владата е стратешки насочена.
Заинтересираните кандидати треба силно да веруваат во сопствениот капацитет, да поседуваат менаџерски способности и лидерски вештини, способности за тимска работа и да се подготвени за целосна посветеност, силен ангажман и предизвици во периодот на спроведување на значајните структурни реформи во земјата, како и во остварување на политиките на Владата на Република Македонија.
Сите пријавени кандидати, како што се посочува во огласот, ќе имаат еднакви шанси да бидат примени согласно нивните способности, образование, искуство и личен капацитет, без разлика на полова, верска, партиска и национална припадност, имотна состојба и други лични околности, а секој обид за лично лобирање и ургенција од страна на кандидатите ќе се смета како слабост и неверување во сопствените капацитети и ќе влијае негативно во формирањето на финалната оценка за кандидатот.
Инаку, ваквиот оглас за пројавување интерес не е законска обврска на Владата на Република Македонија, но со цел да се даде шанса на што поголем број способни луѓе, како што е посочено, Владата се одлучи на ваков чекор.
Заинтересираните кандидати може да се пријават до 16 февруари 2015 година со пополнување електронска апликација на веб страницата на Владата на Република Македонија.
Според огласот, пријавените треба да се државјани на Република Македонија, да имаат завршено високо образование зависно од позицијата од областа на земјоделските науки, ветеринарни, технолошки, економски, правни и други општествени науки, а за предност ќе се сметаат и завршени магистерски или докторски студии. Треба да имаат минимум пет години работно искуство, да имаат професионално искуство со меѓународни проекти од областа на рурален развој, децентрализирано управување со ЕУ фондови или заштита на животна средина, дополнителна специјализација или обука од областа, да имаат одлично познавање на англиски јазик на академско ниво, одлични компјутерски вештини, да имаат одлична способност за градење меѓучовечки и професионални односи, одлични организациски и аналитички вештини, способност за објективно разгледување и развивање нови решенија за одредени прашања, посветеност на работата и способност за работа во услови на притисок и стрес, како и посетување мотивација за успех и волја за развивање сопствени потенцијали.