Над 470 социјално ранливите лица ќе се вработуваат со помош од државата
Четиристотини седумдесет и шест лица од социјално ранливите категории кои потешко наоѓаат работа ќе можат да се вработуваат во текот на годинава со субвенции од државата кај познат работодавач. За таа цел тие ќе посетуваат тримесечна обука, по која работодавачот ќе ги вработи и е должен да ги задржи на работа 12 месеци по завршувањето на обуката.
- Приоритет при вработувањето ќе имаат лица на возраст 50-55 години, лица со основно или пониско образование, корисниците на социјална помош, млади лица до 29 години со ниски квалификации, жртви на семејно насилство, деца без родители и родителска грижа, бездомни лица, поранешни корисници на дрога, родители на деца на улица, самохрани родители, Роми, невработени лица евидентирани во АВРМ најмалку една година, млади невработени лица евидентирани во АВРМ најмалку 6 месеци, родители на деца со пречки во развојот или на три и повеќе деца, информираше на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Обучуваните лица ќе добијат 6.200,00 денари месечно, со вклучено осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување.
По завршување на обуката на работното место, работодавачот е обврзан да ги вработи сите обучени лица за што ќе добие субвенција за вработување во форма на финансиска поддршка за бруто плата во износ од 19.000,00 денари месечно за период од 6 месеци со полно работно време од кои 14.000,00 денари за невработеното лице и 5.000,00 денари ги задржува работодавачот, како надомест за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес
Работодавачот има обврска да го задржи на работа субвенционираниот работник во следните 12 месеци и да не го намали бројот на вработените на неопределено време.
Спасов информира дека со оваа мерка предвидено е да се опфатат 142 млади невработени лица активни баратели на работа, за што се издвоени 19 милиони денари, а за сите вработувања 63 милиони денари од Буџетот на Република Македонија.
Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски појасни дека огласот е отворен од сега до крајот на годинава, нешто што, како што рече, е направено заради прилагодување на потребите на бизнис секторот.
Секоја компанија која има потреба може да се обрати до АВРМ во било кое време, додаде Поповски, а ние месечно ќе правиме пресек и ќе ги поврзуваме оние кои бараат работа со оние кои ја нудат преку оваа мерка.
Искуствата покажуваат, рече директорот на АВРМ, дека оние лица кои биле задржани подолго од 6 месеци, остануваат долго на работното место или заминуваат на подобро.
Минатата година во рамки на оваа мерка биле потпишани 57 договори за 145 вработувања. Од нив сега се уште работат 110 лица.
Вработувањата ќе се реализираат во рамки на мерката „Обука на работно место со субвенционирано вработување”, од Оперативниот план за услуги на пазарот на труд и активните програми и мерки за вработување за 2015 година.