Општините задоволни од соработката со полицијата, покажува истражувањето на ОБСЕ
Општините генерално се задоволни од соработката со полицијата. Таа кон граѓаните се однесува со почит и се обидува да ги унапреди односите со локалните самоуправи, покажува истражувањето што ОБСЕ го спроведе во сите општини низ државата за перцепцијата на градоначалниците во врска со работата на полицијата.
Резултатите од истражувањето спроведено во текот на јуни - јули годинава покажуваат дека 60 проценти од анкетираните градоначалници сметаат дека соработката со локалната полиција е генерално задоволителна, додека само девет проценти имале негативно перцепција по однос на ова прашање. Околу 79 проценти од градоначалниците оцениле дека полицијата се однесува кон краѓаните со почит, а исто толку одговориле потврдно на тезата дека полицијата се обидува да ги унапреди односите со општината. Високи 98 проценти од градоначалниците одговориле позитивно на прашањето дали во нивната општина има потреба од концептот на соработка меѓу полицијата и заедницата.
Градоначалниците препорачуваат и во иднина да продолжи соработката меѓу полицијата и локалните самоуправи и сметаат дека е потребно општините да имаат одреден буџет за реализација на концептот за соработка меѓу полицијата и заедницата.
- Овие податоци покажуваат дека сме на вистинскиот пат во реализација на концептот на соработка меѓу полицијата и заедницата, но истовремено ваквиот збир на аргументи бара од нас интензивирање и продлабочување на заедничките превентивни активности, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска на денешната прес-конференција на која беше презентиран извештајот во пресрет на 9 декември - Денот на превенцијата.
Таа потсети дека во текот на годината на полето на превенцијата се преземени низа активности во сите локални самоуправи. Во тој контекст ги спомена проектот за намалување на тешките кражби во моторни возила на подрачјето на Град Скопје, како и проектот за безбедност во училиштата со кој се опфатени 500 основни и средни училишта во цела држава.
- МВР и во наредниот период ќе продолжи со истата динамика да дејствува во сферата на превенцијата, особено што сега со заокружени организациони и кадровски претпоставки во таа насока, како и со постигнатите резултати, имаме аргументи и мотивација во целост да го имплементираме концептот работа на полицијата во заедницата, рече Јанкуловска.
Според амбасадорот на ОБСЕ во Македонија Ралф Брет, соработката меѓу полицијата и општините е клучна за ефикасното функционирање на механизмите за полициското работење во заедницата и за подобрување на целокупната безбедност и благосостојбата на граѓаните во земјата.
- Истражувањето помогна во оценувањето на ефикасноста на ваквите механизми со цел да се идентификуваат можни препреки и евентуални препораки за во иднина, рече Брет.
Претседателот на Заедницата на едниците на локална самоуправа и градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски оцени дека спроведеното истражување покажува дека мнозинството од анкетираните градоначалници ја поддржуваат работата на локалните совети за превенција.
- Ова се потврдува и со фактот што вакви совети се формираа, на доброволна основа, речиси во сите општини во земјава и нивната работа е особено важна за соработката на полицијата и локалните власти и помага во зајакнувањето на партнерството помеѓу полицијата и граѓаните, рече Трајановски.
Утрешниот ден од страна на полицијата е прогласен за ден на превенцијата со цел да се промовираат заложбите за понатамошни превентивни активности.